На 21-ви февруари 2017 година, членовите на Здружението на професори по географија на Македонија „ПРОФ. Д-Р ЉУБЕ МИЛЕНКОВСКИ“ – Скопје, имаа ексклузивитет да присуствуваат на предавањето на еминентниот професор Луиз Мутињо, на тема: „Прашања на иднината- нови технологии, биомаркетинг, когнитивни невронски мрежи“.

Посебен акцент во неговото излагање беше ставен на актуелни научни трендови од областа на примената на роботската технологија, фаб лабаратории, интернет на сѐ, сензори на нештата, социјална визуализација како и биолошки инспирирана интилигенција. Во текот на предавањето професорот Мутињо ги анимираше присутните поставувајќи прашања, но и барајќи од присутните да го искажат своето мислење во однос на примената на дигиталните технологии.
Професорот Луиз Мутињо е реномиран академски професор и истражувач во областа на стратешки маркетинг и туризам со повеќе од 25-годишна престижна академска кариера како редовен професор на реномирани универзитети во Ирска, Португалија, Нов Зеланд, Кина, Бразил, Колумбија, Литванија, Унгарија и многу други светски елитни универзитети. Неговата водечка улога во истражувањата и академската работа е проширена и во областа на научни проекти и истражувања со мултидисциплинарен карактер од повеќе области.
Присутните географи, имаа можност да се запознаат со мултидисциплинарен приод во изучување на научните области, како и предавање со 100% интеракција помеѓу предавачот и конзументите.
И на овој начин, Здружението на професори по географија на Македонија „ПРОФ. Д-Р ЉУБЕ МИЛЕНКОВСКИ“ – Скопје, ги идентификува и задоволува потребите од континуирана едукација и професионален развој на своите членови.