ПРОФ. Д-Р ЉУБЕ МИЛЕНКОВСКИ – ЖИВОТ И ДЕЛО, ОД УЧИТЕЛ ДО УНИВЕРЗИТЕТСКИ ПРОФЕСОР

Љубе Миленковски е роден на 5.07.1937 година во село Сопот, општина Свети Николе. Основното училиште го завршил во село Горобинци, светиниколско, а веднаш потоа за запишал во Учителската школа „Гоце Делчев“ во Штип. Тој како дете имал голема и несокриена желба да стане учител. Први и втори клас ги завршува во штипската учителска школа, со одличен успех, а трети, четврти и петти клас во Учителската школа „Никола Карев“ во Скопје во 1958 година, со одличен успех.

Веднаш по завршувањето, од септември 1958 година, работи како учител шест години во две училишта во Тетовско, а последната година во неговото родно село Сопот. Како учител од просветно-педагошките служби бил оценуван со оценката „Особено се истакнува“. Тоа зборува дека учителскиот позив го сфатил многу одговорно и сериозно и работел со голем елан, волја, ентузујазам, самопрегорност, трпеливост и трудољубивост, како и со посебна почит и респект кон учениците, родителите и педагошките служби.
Со збогатено и продлабочено методско-дидактично и педагошко-психолошко знаење и искуство во учебната 1965/66 година се запишува како редовен студент на групата историја-географија на Педагошката академија „Климент Оридски“ во Скопје. Да се студира на Педагошката академија во тоа време беше гордост и чест за секој студент, затоа што претставуваше своевиден народен и научен универзитет во кој се подготвуваат наставници за работа во осовните училишта на четири јазици: македонски, албански, српски и турски. Освен тоа, академијата беше една од најразвиените, најпочитуваните виши школи во тогашна СФР Југославија, во која студираа голем број студенти, скоро од сите републики во СФРЈ.
Со својата одмереност во дискусиите, тактичност и поддржувач на се она што е до интерес за студентите, Миленковски наскоро бил избран за претседател на ССЈ.
Покрај оваа, тој бил и член на уште десетина комисии и одбори при Сојузот на студентите и сите тие задолженија многу одговорно и со успех ги извршувал. Но, тоа не му пречело редовно да ги следи предавањата и да биде одличен студент. Педагошката академија ја завршил за три семестри со среден успех 9, 50. Поради солидниот успех бил награден од Наставно-научниот совет со парична награда и два тома книги од историските и географските науки. По дипломирањето веднаш се вработил во ОУ „Вера Циривири Трена“ во Скопје, како наставник по историја и географија. Желбата за наука била посилна во него, отколку цел живот да остане учител и наставник. Со таква цел се запишал како вондереден студент на Катедрата за географија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Предвидените испити ги завршил во редовно време на овој факултет за помалку од две години во 1969 година, се среден успех 8,94. Потоа следеле нови вработувања како професор по географија во гимназијата „Браќа Миладиновци“ во Драчево пет години и како директор во ОУ „Кузман Шапкарев“, исто така, во Драчево три години. Во 1975 г. преминал на работа во Републичкиот завод за школство, како самостоен педагошки советник за наставата по географија.
Во учебната 1971/72 година станал постдипломец на Природно-математичкиот факултет во Белград на групата географија. Предвидените испити на студиум ги положил со среден успех 8,57, а наскоро со успех одбранил и магистерски труд под наслов „Бањски туризам во СР Македонија“. Но, тој не застанал тука, туку продолжил кон богатење со нови знаења од географските науки. По неполна година од магистрирањето на 19.01.1983 година на Географскиот факултет при Природно-математичкиот факултет во Скопје успешно ја одбранил својата докторска дисертација, под наслов „Социо-географските и аграрни карактеристики на Гевгелиско-валандовската Котлина“ и се стекнал со научниот степен доктор на географски науки.
Проф. д-р Љубе Миленковски за универзитетски професор бил избран за прв пат на 1.10.1975 година на Педагошката академија „Климент Охридски“ во Скопје, а од 1981 до 30.03 1985 година бил избран и за доктор на Педагошката академија. Од 30.03.1985 година па се до 1993 година тој работи на Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет во Скопје како професор по географија.
Малку наставници во Република Македонија ја имаат таа чест да можат да се пофалат со образовната структура како што ја поседуваше проф. д-р Љубе Миленковски. Тој беше комплетен наставник кој ги стекна сите степени на образование работејќи истовремено со сите возрасти на ученици од прво до четврто одделение, од петто до осмо одделение, од прв до четврти клас во средното образование и на крај со студенти на Виша школа и на факултет.
Така, проф. д-р Љубе Миленковски својот развоен пат на полето на образованието и вопитанието како народен трибун-просветител го започна како учител, го продолжи како наставник, професор, магистер и заврши како доктор на науки и универзитетски профсор. Значаен дел од неговата научноистражувачка активност беше насочен кон аграрната географија и методиката на наставата по географија. Беше вклучен и во работата на Македонското географско друштво, се до неговата смрт во 1993 година.
Проф. д-р Љубе Миленковски ја задолжи наставата по георгафија со големи број на научни и стручни трудови публикувани во зборници на научни трудови на многу наши конгреси, симпозиуми, научни собири и друго, во поранешна СФР Југославија. Тие особено беа високо оценети на конгресите и симпозиумите во Порторож, Нови Сад, Приштина, Смедерево, Врање, Белград, Берово, Струга и во десетина други градови.
Професорот Миленковски посебна трага остави во нашето учебникарство. Тој беше одличен методичар, а уште поголем практичар, кој настојуваше секогаш теоретските знаења да најдат практична примена во наставата. За учениците од основните училишта, тој напиша три учебници за петто, седмо и осмо одделение, а за учениците од училиштата за средно образование, шест учебници.
Ако се направи анализа на неговите учебници за основно и средно училиште, се доаѓа до заклучок дека наставните содржини во сите нив од методско-дидактички и педагошко-психолошки аспект одговараат во целост на психофизичките способности и возраста на учениците. Тие се едноставни и упростени до тој степен што се прифатливи и за послабата категорија на ученици. Тој на многу лесен и пракитечн начин ги бара и открива причинско-последичните врски, ја согледува низата од поими и нивното взаемно поврзување што треба да ја усвои еден ученик, водејќи притоа грижа не само за неговите психофизички спосбности, туку и за можноста на наставникот да реализира успешна настава и во потешки услови на работа.
Многу значајно да се одбележи е и тоа што преку постапката генерализирање, текстот во учебниците е прочистен до тој степен што му овозможува на наставникот самостојно да доаѓа до нови сознанија кои со успех ќе ги примени во наставната практика.
Професорот Миленковски остави длабока трага во македонското учебникарство, а особено во наставата по георгафија. Тој го обележа патот по кој треба да чекори наставната практика. Неговиот визионерски дух денес служи како патоказ за сите нас неговите колеги и соработници да продолжиме и да го надоградуваме тој патоказ за подобар просперитет на наставата по георафија.
Од се ова малку напишано за Вас професоре Миленковски, крајна благодарност упатуваат кон Вас Вашите најмили ученици кои се крајно благодарни што ги научивте да читаат и пишуваат, поголемите од нив што ги запознавте со историските и географските науки, а најголемите од нив, што ѝм ги откривте тајните на учењето и знаењата.
Ние, пак, твоите студенти и соработници со гордост го изговараме трвоето име, со достојана почит за се она што го направи за географијата. Од тој аспект, твоето име и презиме ние ќе го возвишиме и нема да падне во заборав, бидејќи цврсто одлучивме нашето ново географско друштво во Република Македонија да го носи твоето име.

Проф. д-р Ѓорѓи Павловски

View the embedded image gallery online at:
https://www.geograf.mk/prof-dr-ljube-milenkovski#sigProId8df698c3f8