Во согласност со своите програмски прерогативи и со поддршка од Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје, Здружението на професори по географија на Македонија „ПРОФ. Д-Р ЉУБЕ МИЛЕНКОВСКИ – Скопје, по трет пат реализира теренски практикум за своите членови.

Овој тридневен теренски практикум се изведе во Грција и Бугарија, со посета на географски објекти, туристички атракции и културно-историски споменици од исклучително значење за светското културно наследство.
Членовите на здружението кои учествуваат во практикумот, првото утринско кафе го испија на брегот на Костурското Езеро, во преубавиот Костур. Самото пристигнување во градот нуди епска глетка на раскошната локација - вистинско уживање со фасцинантни глетки кои ги полнат очите со убавина.
Сончевиот ден нудеше прекрасни услови за опуштено шетање и впивање на урбаните и природни убавини на градот Воден - град на водопадите и прекрасните градини познати во цела Грција. Групата го посети атрактивниот водопад во самиот град, кој изобилува и со многу цркви, музеи, стар дел од градот сличен на старата чаршија во Скопје.
По посетата на Воден, групата се упати кон целната дестинација, Банско во Бугарија.
На вториот ден од целното патување, групата го посети светилникот на духовноста - Рилскиот манастир лоциран во еден од најживописните предели на планината Рила. Релјеф во чии пазуви се отвора глетка како царство за очите на која не може да се остане рамнодушен.
Конечно, членовите на здружението имаа можност да ги апсорбираат убавините на Националниот парк Пирин, место каде што природата великодушно ја разгранила својата убавина и кој заради својата уникатна природа од 1983 година е дел од светското културно наследство на УНЕСКО.
Тивкиот но чист одраз на убавиот Костур во езерото, силата на водата на водопадите на Воден, синилото на небото на Пирин и духовниот мир на Рилскиот манастир беа силен мотив за повторно истакнување на извонредната смисла за хумор и позитивна мисла кои се препознатлив имиџ на секој географ, така што овој теренскиот практикум помина во мошне пријатна атмосфера и расположение.
Како дел од групата која учествуваше на теренскиот практикум, беше и Н.Е. г-дин Мартин Безак, амбасадор на Словачка во Македонија, кој со своето присуство искажа почит и поддршка на мисијата на нашето Здружение.
Уште еднаш се потврди дека активностите на ЗПГМ „ПРОФ. Д-Р ЉУБЕ МИЛЕНКОВСКИ“ – Скопје, се во функција на вистинска поддршка и афирмација на една професија, која долго време е на маргините на образовните процеси во државата.