Здружение на професори по географија на Македонија „ПРОФ. Д-Р ЉУБЕ МИЛЕНКОВСКИ“ –  Скопје“ нов субјект во културното, научното и граѓанското делување на македонскиот простор.

На иницијатива на група професори по географија од Република Македонија, на ден 14.11.2014 година е одржан состанок на кој што беше потврдена потребата и воедно подржана иницијативата за создавање на Здружение на професори по географија во најкраток рок. Иницијативниот одбор кој е формиран на истиот состанок во периодот што следуваше презеде активности за изготвување на сите потребни акти за регистрирање на едно вакво здружение, согласно позитивните законски прописи на Република Македонија, со име Здружение на професори по географија на Македонија ЗПГМ –  Скопје.

На 20.12.2014 година се одржа Основачкото Собрание на кое беа усвоени Статут и Програма, по што се преземени конкретни чекори, согласно зацртани цели, актите и Програмата на Здружението на професори по географија на Македонија ЗПГМ-Скопје. Една од тие цели, секако е запознавање на сите заинтересирани субјекти за пристапување кон Здружението на професори по географија на Македонија ЗПГМ-Скопје како и целосна транспарентност во сферата на делување. Особено мотивирачки елемент кај сите членови беше позитивниот одзив и воодушевеноста од професорите/географи за создавање на ваков субјект на граѓанско делување на просторите на Република Македонија, неговата идентификација на транспарентен, корисен и препознатлив субјект за остварување на заеднички цели.

Со Решение од Централниот регистар на Република Македонија, од јануари 2015 година, Здружение на професори по географија на МакедонијаЗПГМ-Скопје стана рамноправен елемент во мозаикот на граѓански здруженија на територијата на Република Македонија со сите права и обврски, согласно Законот за здруженија на граѓани и фондации и другите позитивни прописи во Република Македонија.

ЗПГМ-Скопје, својата визија и мисија ќе ја остварува преку целосно почитување на Статутот и Програмата како и потребите на сите членови на здружението.

На седница на Собрание на ЗПГМ-Скопје, одржана на ден 21.03.2015 година, се донесе одлука со која здружението го промени името,со додавање на името на Проф. Д-р Љубе Миленковски во своето име. Новото име е: Здружение на професори по географија на Македонија „ПРОФ. Д-Р ЉУБЕ МИЛЕНКОВСКИ’’–  Скопје, додека скратеното име на здружението е: ЗПГМ „ПРОФ. Д-Р ЉУБЕ МИЛЕНКОВСКИ’’–  Скопје

Измените се направени врз основа на иницијатива на група членови на здружението, со образложение дека Проф. Д-р Љубе Миленковски, во својот животен и работен век дал огромен придонес за развојот на географијата,пред се како професор, методичар и учебникар, развивајќи ја во исто време и географската научна мисла. Неговиот придонес во наукатаи учебникарството се од особена важност за развојот на географијата како предмет во наставните планови и програми.

Тој целиот свој живот го посвети на образованието за кое велеше дека е занает кој постојано треба да се учи, беше и остана еден од најголемите учебникари во Македонија.

Врз основа на неговиот придонес и авторитет во фелата на професорите по географија, цениме дека е чест да се биде член на здружение чие што име ќе го носи името на Проф. Д-р Љубе Миленковски. 

 

 

Скопје, 25.04.2015 година

 

Здружение на професори по географија на Македонија

      „ПРОФ. Д-Р ЉУБЕ МИЛЕНКОВСКИ’’– Скопје

                       ПРЕТСЕДАТЕЛ

                М-р Јулијана Петровска