ДОДЕЛЕНИ ДИПЛОМИ, ПОФАЛНИЦИ И НАГРАДИ НА УЧЕСНИЦИТЕ НА ДРЖАВНИОТ НАТПРЕВАР ПО ГЕОГРАФИЈА ОД ОСНОВНИТЕ УЧИЛИШТА

Врз основа на добиената акредитација за организирање натпревари по географија за основно образование и согласно критериумите предвидени со Правилникот и Пропозициите за организирање и реализирање натпревари по географија, Здружението на професори по географија на Македонија „ПРОФ. Д-Р ЉУБЕ МИЛЕНКОВСКИ“ – Скопје во соработка со УТМС Институтот за национална географија, успешно ги реализираше натпреварите на општинско, регионално и државно ниво.

На 23.05.2023 година, со почеток во 14:00 часот во амфитеатарот на Универзитетот Скопје беа доделени дипломи, пофалници и признанија на сите ученици и ментори на државниот натпревар по географија. Покрај дипломите, за учениците и менторите кои ги освоија првите три места беа обезбедени и соодветни награди.
За освоено 1 (прво) место покрај диплома учениците и менторите беа наградени и со по еден лап топ. За освоено 2 (второ) место покрај диплома учениците и менторите беа наградени и со по еден таблет, додека за освоено 3 (трето) место покрај диплома учениците и менторите беа наградени со по еден мобилен телефон.
Добитници на наградите од 6 одделение се: ученикот Блина Исмаили и менторот Линдита Алили Исмаили од ООУ „Реџо Ружит Зајази“ – Општина Кичево, ученикот Невена Деановска и менторот Елена Илиеска од ООУ „Мустафа Ќемал Ататурк“ од Гостивар и ученикот Кораб Џафери и менторот Линдита Алили Исмаили од ООУ „Реџо Ружит Зајази“ – Општина Кичево.
Добитници на наградите од 7 одделение се: ученикот Стефанија Димовска со менторот Гордана Богоевска од ООУ „Тодор Ангелевски"- Битола, Валентино Атанасоски со менторот Марина Гроздановска од ООУ „Кочо Рацин" - Центар и ученикот Давид Давидовски ООУ „Мирче Ацев“ со менторот Сузана Ангелевска од Општина Ѓорче Петров.
Во категоријата ученици од 8 одделение, првите места и заслужените награди им припаднаа на ученикот Анастасија Андова со менторот Горан Ѓуроски од ООУ „Св. Климент Охридски“ од Македонски Брод, на ученикот Алтин Рушани со менторот Линдита Алили Исмаили од ООУ „Реџо Ружит Зајази“ – Општина Кичево и на ученикот Петар Велјаноски од ООУ „Единство“ од Гостивар заедно со менторот Кристина Ѓорѓевска.
Добитници на наградите од 9 одделение се: ученикот Матеј Илиевски со менторот Славица Николиќ од ООУ „Koчо Рацин" во Куманово, Мила Гугучевска и менторот Даниела Ристова од ООУ,,Св.Климент Охридски" – Битола и ученикот Ангела Јаневска со менторот Славица Николиќ од ООУ „Koчо Рацин" – Куманово.
За учесниците кои постигнување високи резултати беа доделени соодветни сертификати, односно пофалница за учество и освоена 3 награда (од 85-90 бода), пофалница за учество и освоена 2 награда (од 90-95 бода) и пофалница за учество и освоена 1 награда за ученици кои освоиле над 95 бода но не се добитници на првите три места.
Сите останати учесници (ученици и ментори) добиваат потврда за учество на Државниот натпревар.
На сите Основни Училишта кои биле домаќини на регионалните натпревари им беа доделени Благодарници, додека Признанија за посебен придонес во успешно организирање на натпреварите добија повеќе членови и регионални координатори на здружението.
Сертификатите беа доделени од страна на потпретседателот на здружението проф. д-р Дејан Наковски, додека дипломите и наградите со пригодно обраќање на шампионите во географското знаење им беа врачени од страна на претседателот на ЗПГМ „ПРОФ. Д-Р ЉУБЕ МИЛЕНКОВСКИ“ – Скопје, проф. д-р Аце Миленковски.
Во функција на унапредување на компетенциите на образовниот кадар од сите структури на воспитно-образовните институции во Република Северна Македонија и унапредување на наставата по географија на сите нивоа, како и до сега, така и овој пат натпреварите беа поддржани од УТМС Институтот за национална географија, додека самиот настан традиционално е спонзориран преку Фондот „Проф.д-р Љубе Миленковски“ кој во рамките на своите општествено одговорни активности, многу пати се јавува во улога на покровител на настани од ваков тип.
Општ впечаток е дека натпреварите по географија кои по трет пат беа организирани од страна на нашето здружение ги постигнаа поставените цели преку пријавениот број на учесници, но и преку призмата на високите резултати на учениците кои учествуваа на натпреварите.
И понатаму остануваме посветени на нашиот пат, силно уверени дека ќе успееме да го подобриме квалитетот на натпреварите по географија и во наредните години, а пред се, ќе опстоиме и во напорите да ја сочуваме географијата како задолжителен предмет во наставата во основното образование.
До следното видување, на сите учесници на натпреварите им посакуваме добро здравје и успех на сите полиња.