Византион, Константинопол, Цариград или Истанбул, сеедно е кое име ќе го изустиме a во исто време да не помислиме на еден град, на единствениот град метропола која спојува два континента, два света, град кој во себе ја носи реалноста и фантазијата, град на материјалното но и духовното спојување на минатото и сегашноста. Тоа е град кој како ретко кој друг претставува дом на многу култури, центар на многу империи низ вековите наназад, поради што во него се наоѓаат голем број на историски знаменитости од типот на џамии, цркви, синагоги, дворци, замоци и кули. Токму тие градби денес се одлика на еден начин на живеење во минатото но и денес и кои го привлекуваат вниманието на големиот број посетители од најразлични побуди.

Расположен е на протокот Босфор, на границата помеѓу заливот Златен Рог и Мраморно Море, во прегратките на Тракија и Анадолија, плени со својата величенствена дневна шареноликост а со спектар на светлуцави бои во ноќните часови. Величенствен по многу нешта, Истанмбул е најголемиот град во Турција и еден од најголемите метрополи во светот денес, со население од над 13.854.740 жители. Воедно, тој е и голем трговски, финансиски, културен и туристички центар во Турција и светот. Истанбул зафаќа површина од 1.830,92 km², а самата покраина Истанбул пак 5.196 km². Некогаш, во раниот среден век представувал најголем град во светот и еден од значајните градови низ целата своја историја.
Поради близината на Анадолската линија, притисокот на двете тектонски плочи од Африка и Евроазија низ историјата Истанбул бил изложен на неколку катастрофални земјотреси кои уништиле добар дел од културното и материјално богатство на овој град и регионот.
Истанбул воглавно се темели на разнолика трговска и туристичка понуда благодарение на својата богата историја и одлична местоположба уште од времето кога им бил познат на трговците минувале по “патот на свилата”.
За прв пат градот се споменува под името Византион. Во 667 п.н.е. колонистот Визас од Мегара се населил на најубавото место на Босфор и ја создал малата населба која своето име го добила по него. Од таму подоцна произлегло и името Византија за целото Источно Римско Царство. Еден краток период градот се именувал и како август Антонија кое било дадено според името на синот на императорот Септимиј Север. Во 330 година го добива името Константинопол по името на царот Константин I и тоа име го носи цели 16 века се превратот во Турција кога е наречен Истанбул. Како седиште на царевите познат е и под името Цариград, Стинполи („шетање во град“) и Стамбол во времето на Османлиската империја. Самиот збор Истанбул означува „кон градот“ а тоа име го носи до ден денес. Во 2001 година Истанбул е избран за Европска престолнина на културата а историските области на Истанбул се вклучени во Списокот на светско културно и природно наследство на УНЕСКО. Епитетот „град музеј’’ секако се должи на големото природно и антропогено наследство. Да се посети Истамбул не е доволно за да се каже дека некој го познава. Запознавањето на оваа метропола може да трае со месеци па и години. Секоја педа крие нешто ново, таинствено и предизвикувачки да го посетите повторно. Да се биде во Истанбул а да не се помириса воздухот на океанот преку Босфор е невозможно, да се биде во Истанбул а да не се почувствува традицијата во Капали чаршија е исто така невозможно. Да се помине низ улиците на Истанбул а да не се ѕирне во мистериозноста на големите храмови на вековите што поминале е еднакво како да одите во Рим без да го видите Колосеумот. Нивниот број и монументалност го одзема здивот на секој посетител без разлика од кој дел на светот дошол а приказните што се кријат во нив макар за миг предизвикуваат бура од слики за времето кога се создавани. Од првата Ејуп Султан џамија преку Цариградските ѕидини, палатата Долмабахче, Топкапи Сарај, Султан Ахмедовата Џамија, Сината џамија, џамијата на Сулејман величествениот, Капали чаршија, историските населби Бејоглу и Бешикташ и уште многу други за кои не би звучело нескромно ако се каже дека на секој од нив потребно е да издвоите по еден ден за да ја доловите атмосферата на разноликиот архитектонски Истанбул. А Света Софија е нешто неизбежно каде ќе го почувствувате токму тој спој на минатото, сегашноста и иднината, спој на две цивилизации, две религии и култури. Дење град на постојано итање и џагор на многубројните трговци за кои секој ден и секој посетител е драгоцен. А ноќе, ноќе пак се претвара во град на блескави светулки, на песната и танцот. Чиниш милиони светулки во сите бои се наоколу. Разнобојни марами на телата на убавите танчерки кои ги пленат погледите на посетителите со вкусот на познатата Јени ракија, локум, баклава, симит, кебап и морски специјалитети.
Истанбул е голем образовен ценат каде се наоѓа најголемата концентрација на квалитетни државни и приватни образовни институции на сите ниво на образованието.
Истанбул е и град на лалето, еден од најнежните цветови кои личат на турбан и кое најчесто го поврзуваме со не Холандија. Во времето на Сулејман Величенствениот во 16 век лалињата биле донесени во Холандија, каде за кратко време станале национален белег. Во април поради магичната убавина на оригиналното азиско степско лале, Истанбул се претвара во магичен пролетен град кој понатаму ве упатува на посета на убавите градини кои исто така претставуваат вистинска атракција. Малку е да се каже дека и после десетина посети, го познавате Истанбул. Секоја помината педа упатува на друга, нова и различна од предходната а сепак споена во една целина како спојот на боите од виножитото.
Ех тој Истанбул, колку пати да си го видел, повторно те враќа назад во потрага по нешто егзотично а блиско!

Bosfor

Мостот Галата се наоѓа на Златниот Рог и е петтиот изграден мост преку проток Босфор. Повеќе од 5 пати рушен, а за последен пат бил обновен во 1994 година. Долг 490 метри, а широк 42 метри.

Капали чаршија (Големата чаршија (Kapalıçarşı) е една од најголемите покриени пазари во светот со 60 улици и 5.000 продавници и привлекува меѓу 250 и 400 илјади посетители дневно. Тезги се групирани според видот на стоката, со посебни подрачја за кожа, златен накит како и рачно изработена и декорирана керамика, теписи, везови, зачини по што е препозната. Според групирањето на тезгите, се одредува и видот на стоката која се нуди.

Kapali

Капали чаршија - Големата чаршија (Kapalıçarşı)

 Bosfor2

Босфорскиот теснец е проток што го одделува европска дел на Турција (Румелија) од неговиот азиски дел (Анадолија), поврзувајќи ги  Мраморното Море и  Црното Море. Тој е долг 30 километри и широк од само 750 метри во најтесниот дел до 3.700 метри во најширокиот дел во северното устие. Длабочина варира помеѓу 36 и 124 метри.

 Topkapi

Топкапи Сарај денес представува музеј а некогаш бил главно седиште на администрацијата на Османлиската империја. Бил изграден во времето на султан Мехмед II 

SvetaSofija

Црквата Света Софиja или Црквата на Пресветата Мудрост е поранешна православна базилика, која во текот на својата историја била претворена во џамија, а денес е музеј. Од 4 век па се до 1453година служела како византиска катедрала на Константинопол. Во периодот од 1204 до 1261 година, кога била претворена во римокатоличка катедрала а како џамија, објектот служел од 1453 година до 1931 година, кога истата била затворена. Од 1935 година Света Софија претставува музеј

SultanAhmed

Султан Ахметовата џамијата или уште позната како Сина џамија е муслимански храм изградена од истакнатиот архитект Седефкар Мехмед Ага по нарачка на султанот Ахмед I во периодот од 1609 до 1616 г. Поради  боите, почнувајќи од бојата на плочките па се до порцеланот (сина, зелена и бела), позната е и како Сина џамија

jadenja2

Неодминливи моменти на средба со националните специјалитети

Dolmabahce

Долмабахче е првиот дворец којшто бил изграден во времето на Османлиската империја. Бил граден по наредба на  султанот Абдул Меџит I ово 19 век. До 1922 година служил за резиденција на султанот. Во него живеал и Кемал Ататурк- таткото на модерна Турција 

 voz2

Транвајот и метрото – планско и функционално решение на собраќајниот метеж во Истанбул

 

Користена литература:

http://www.istanbul.com/en/travel

http://www.lonelyplanet.com/turkey/istanbul

http://www.tripadvisor.com/Tourism-g293974-Istanbul-Vacations.html

http://whc.unesco.org/en/list/356

http://english.istanbul.gov.tr/

https://urbanfragment.files.wordpress.com/2012/07/panoramic-view-of-historical-peninsula-golden-horn-bosphorus-istanbul.jpg

http://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/7/77/Blue_Mosque_Courtyard_Dusk_Wikimedia_Commons.jpg

 

Автор:
М-р Јулијана Петровска