Колорадо е една од педесетте Сојузни Американски држави. Колорадо го добил своето име од шпанскиот збор Colorado (coloured) што значи обоено, односно по жолто обоената, од песочните наноси, истоимена река која претставува основна водена артерија, не само во оваа држава туку и пошироко.

Колорадо е позната како Карпеста земја, покрај овој прекар за Колорадо постојат уште неколку, како на пример стогодишната држава (оформена е како држава во 1876 година, точно 100 години после независноста на САД), исто така и по прекарот сребрената држава (овој прекар се врзува за Колорадо по тоа што имало многу рудни наоѓалишта), Високата држава - највисока од сите Американски држави, па и некои други прекари. Површината на Колорадо е 268 657 km2 и претставува осма по големина држава во САД, со нешто над 4 милиони жители. Се наоѓа во западниот централен дел од САД. На исток се граничи со Канзас, на југ со Ново Мексико и Оклахома, на запад сосед ѝ е Јута, додека на север се граничи со Вајоминг и Небраска. Помалиот источен дел припаѓа на големата низина и лежи на надморска височина помеѓу 1000-1800 метри. Овде е сконцентрирано целото земјоделство и сточарство во Колорадо, која е најразвиена приходна гранка. Заедно со туризмот и угостителството го одржуваат Колорадо меѓу десетте најбогати Американски држави. Најголемиот дел од овие тревни степски предели се користел за сточарство, а денес како резултат на иригационите зафати овие предели претставуваат една житница во која најмногу се одгледува пченица и пченка.
Колорадо припаѓа на системот на Карпестите Планини, кои се протегаат во два паралелни венци и тоа во правец север-југ. Исто така тие условуваат две различни климатски зони. Предниот венец се издига на надморска височина до 4 300 метри, додека така наречениот венец Саваџ Ренџ, се наоѓа во западниот дел од државата и претставува вододелница помеѓу Атланскиот и Тихиот Океан. Карпестите Планини се поделени на:
• Јужни Карпести Планини
• Басенот на Вајоминг
• Средни Карпести Планини
• Северни Карпести Планини
• Западни Карпести Планини

Maroon Bells

Колоритните карпести Планини

Најголемата широчина на Карпестите планини изнесува нешто повеќе од 60 километри. Овие планини се од алпски тип, како што е и всушност целиот систем на Карпестите Планини. Покрај големиот број на стрмни врвови, овие планини располагаат и со најразлични глацијални форми, како на пример циркови и валови. Овие планини главно се наоѓаат во државата Колорадо, а со само еден мал незначителен дел навлегуваат во јужните делови на Вајоминг. Најголем врв на Карпестите Планини е Маунт Елберт, со надморска височина од 4 399 метри. Исто така постојат и други врвови кои достигнуваат голема надморска височина, како што се Блан Пик со височина од 4 372 метри, Фраинт Ренџ - 4 345 метри, Пајкс Пик - 4301 метар и други. Повеќе од илјада врвови се со надморска височина поголема од 3 000 метри, а дури 54 врвови се со надморска височина поголема од 4200 метри. Карпестите Планини се едни од најголемите североамерикански па и светски планински масиви. Карпестите планини се карактеристични по својата форма и пред се необична убавина и на тој начин привлекуваат голем број на туристи кои главно ги посетуваат познатите ски центри, меѓу кои најпознати се Аспен и Веијл. Исто така постојат и многу други помали градови, со вкупен број на ски центри од некаде шеесетина.

Aspen

Аспен

Пред неколку векови Колорадо било населено со индијанци, главно од племињата Арапахо, Команчи, Кајови и некои други, за да од почетокот на деветнаесетиот век тие да бидат скоро истребени, поточно во 1803 година, кога Колорадо официјално стана дел од Соединетите Американски Држави.
Во раните педесети години на 19 век започнува златната треска и Колорадо почнува да се населува масовно формирајќи мали рударски градови.
Главниот град на Колорадо, а воедно и најголемиот е Денвер, кој е основан 28.02.1861 година. Денвер се наоѓа во централниот дел на подножјето, каде што започнуваат карпестите планини и каде што главно се формирани првите градови кои, покрај Денвер, се наоѓаат во ова подрачје, тоа се: Колорадо Спрингс, Пуебло, Болдер, Форт Колинс и Тринидад. Денвер се наоѓа на надморска височина од 1 600 метри и оттаму доаѓа прекарот Град висок една милја. Поточно Денвер се простира во географскиот центар на Америка, на патот помеѓу Мексико и Канада. Тој претставува важна сообраќајна собирница, каде што се собираат сите автопати и железнички линии, Интернационалниот аеродром се наоѓа во фокусот на светската трговија.

Denverr

Денвер

Северно, западно и јужно од Денвер постојат многу места кои можат да се окарактеризираат како туристички атракции. Северниот дел од Колорадо е пребогат со нај различни места кои вреди да се видат, како што се националните паркови, споменици, ски центри, градови кои пред се се природни убавини кои го зацврстуваат Колорадо како една од поубавите американски држави. Некои од поатрактивните туристички локации се националниот парк Роки Маунтаинс, кој се наоѓа северозападно од Денвер, Меса Верде - национален парк, кој се наоѓа во југо-западниот дел на Колорадо, мостот Ројал Џорџ кој е највисокиот висечки мост на светот, кој се наоѓа западно од Пуебло, потоа Пикес Пик кој се наоѓа во близина на Колорадо Спрингс и други.

mesa verde

Меса Верде

Royal Gorge Bridge

Мост Ројал Џорџ

 

Извори:

http://www.freeworldmaps.net/united-states/colorado/map.html

http://www.colorado.com/

https://www.colorado.gov/

http://www.tripadvisor.com/Tourism-g28927-Colorado-Vacations.html

http://mrsmichelsclassroomnews.weebly.com/uploads/1/1/0/2/11020213/963344071.jpg

http://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/e/ee/Royal_Gorge_Bridge_(looking_west).jpg

https://plus.google.com/+MichaelCartmell/posts

http://www.hotelroomsearch.net/im/2015/02/aspen-colorado-1.jpg

http://www.jimshoemakerphotography.com/data/photos/100_1mesa_verde09c.jpg

http://cdn.c.photoshelter.com/img-get/I0000C5tH5AJRbX8/s/860/860/Rocky-Mountain-Pictures-Moraine-Lake-Sunrise-Banff-National-Park.jpg

 

Автор:
Елена Панова-Наумовска