Земјаните кули (столбови) претставуваат куриозитет помеѓу денудациските облици во Тиквеш, особено во сливното подрачје на Лисачка Река и Бошава во атарите на селата: Конопиште и Горна Бошава.

Нивната локација и појава не е случајна туку е последица на неопходните геолошки и морфолошки предиспозиции во споменатиот реон. Имено на потегот Конопиште – Горна Бошава, реката Бошава длабоко и кањонски (до 300 метри) ја всекла својата долина во фосилизираните бречовидни туфови на вулканогената област Кожуф-Витачево, така што низводно од Конопиште се пресечени и претходно наталожените неогени седименти од плиоценската лимниска фаза. Кањонска дисецираност со длабоки долови на околниот простор исто така извршиле и водотеците кои гравитираат кон главниот тек. Вториот предуслов е богатото присуство на андезитски блокови во просторот. Познато е дека тие ги штитат помеките од нив подински слоеви од површинска и линиска ерозија додека околниот мек материјал (туфови) станува денудиран и отстранет (Лазаревиħ, 1975).

 

Генеза на земјаните столбови според Yilmaz et al., 2010
Генеза на земјаните столбови според Yilmaz et al., 2010

Колку е отпорна карпата на врвот од земјаниот столб односно оџак, толку неговиот век ќе биде подолг (Yilmaz et al., 2010). На тој начин во сливот на Бошава настанале земјани и каменито-земјани столбови на десетина локации. Нив можеме да ги класифицираме според: бројната застапеност на една локација, според литогениот состав и според височината.

Според бројот на примероци кои се јавуваат на едно место издвоивме микролокации со единечна (сингуларна) појава на столбовите и микролокации со мноштво (плуралитет) од столбови во вид на ѓаволска варош.1
Поединечна појава на столбови е регистрирана на три локации на левата долинска страна на реката Лисач (лева притока на Бошава) на потег од 1 km возводно од вливот кај Конопиште. Земјаните столбови се одликуваат со височина од 0,4 до 3 метри. Уште четири поединечни појави на земјани столбови се забележани во долината на Бошава, низводно од Конопиште. Три од нив се наоѓаат на левата страна од текот на реката помеѓу с. Конопиште и месноста Женско со височина од 0,4-5 метри. Највисокиот примерок (9 метри) се наоѓа покрај коритото на Бајков Скок (десна притока на Бошава).

Мноштво од земјани столбови во збиена и разбиена концентрација се регистрирани на 6 локации. Највисоките столбови (1-10 метри) се наоѓаат во два соседни долови со кои е дисецирана десната, мошне стрмна, долинска страна на Бошава на околу 1 km возводно од с. Конопиште. Две локации се наоѓаат во самата населба на левата, кањонска, страна на Бошава со височина на столбовите од 0,5- 3,5 метри. Уште две локации со дузина столбови се наоѓаат на левата отсечна долинска страна на Бошава со височина на столбовите од 1-6 метри. Едната е непосредно под с. Конопиште, а другата спроти с. Горна Бошава.

Столб во месноста Женско
Столб на во месноста Женско

Столб на левата стана во долината на Лисач
Столб на левата страна во долината на Лисач

Според литолошкиот состав кај земјаните кули (столбови) во сливот на Бошава може да стане збор за два типа. Кај едниот тип се забележува монолитен состав во столпчестата маса од туф или бречовиден туф покриена со овален, коцкаст или плочест андезитски блок. Тие имаат високи и правилно издолжени (цилиндрични) тела и се наоѓаат на високи коти (над 700 метри н.в.) далеку над коритото на Бошава и Лисач и над нивото на фосилизираните плиоценски наслаги. Кај другиот тип се забележува стратиграфска подвоеност во составот на столбчестата маса. Обично кај овие столбови е забележлива долна (песокливо-глинеста и шљунковита) серија и горна туфогена серија која завршува со андезитски блок на врвот. Тие стриктно се распоредени на пониски коти (под 650 метри) каде што текот на Бошава ги ексхумирала и пресекла неогените слоеви кои во раниот плеистоцен биле препокриени со вулкански материјал. Мешовитиот литоген состав во морфогенезата веројатно предиспонирал нивно селективно испирање така што кај нив под заштитната андезитска капа (глава) се забележува: печуркаста, пирамидеста или форма на неправилен, асиметричен цилиндар од песочник или конгломерат.

Столб во долината на Лисач, возводно од Конопиште
Столб во долината на Лисач, возводно од Конопиште 

Групна и појава на столбови и печурки на потегот Конопиште-Бошава
Групна и појава на столбови и печурки на потегот Конопиште-Бошава

Поединечна појава на столбови и печурки на потегот Конопиште-Бошава
Поединечна појава на столбови и печурки на потегот Конопиште-Бошава

Групна и поединечна појава на столбови и печурки на потегот Конопиште-Бошава
Групна и поединечна појава на столбови и печурки на потегот Конопиште-Бошава

 

Референци:
1Народен термин, според D. Petrović (1977).

Извадок од изданието "Релјефни карактеристики на Тиквешката Котлина"
(автори: д-р Коле Павлов; проф. д-р Ѓорѓи Павловски)