Современиот туризам (Travel & Tourism) се карактеризира со големи и значајни квалитативни и квантитативни промени, кои се манифестираат преку динамичниот пораст на бројот на туристички движења, пораст на туристичкиот промет, создавање и практицирање на нови и флексибилни видови на туристички производи.

            Туризмот е феномен на модерниот свет и современото живеење. Како последица на современите карактеристики, туризмот прерасна во водечка и најголема стопанска дејност во светот. Економските влијанија кои ги има туризмот во светски рамки се огромни и истите се манифестираат преку: повеќе од 1.5 милијарди USA $ приход само од меѓународните туристички движења, над 400 милијарди USA $ капитални инвестиции во големи проекти наменети за развој на туризмот, со повеќе од 255 милиони луѓе вработени во (Travel & Tourism) секторот и со повеќе од 1 милијарда туристи годишно вклучени само во меѓународниот туристички промет.

            Бројките повеќе од јасно укажуваат на големината и значењето на туризмот како стопанска гранка број еден во светот, но исто така укажуваат на огромното влијание, ефекти и консеквенци што го има туризмот врз светската економија.

            Една од причините за динамичните квалитативни и квантитативни промени во современиот (Travel & Tourism) сектор, се бара во појавата на масовните туристички движења кои земаа замав во осумдесетите години на минатиот век, а истите продолжуваат и денес со ненамален интензитет.

 

графикон 1
Графикон 1. Меѓународен туристички промет за периодот 1980-2020 година, изразено во милиони туристи,(извор, WTO).

          

графикон 2
Графикон 2. Приход остварен од меѓународните туристички движења во период 1980-2010година, изразено во милиони USA $, (извор, WTO).

Овие податоци за бројот на учесниците во туристичките движења и за остварениот приход од туризмот се однесуваат само за меѓународните туристички движења. Односно домашните туристички движења[1] не се вклучени во пресметките и предвидувањата, но тие се неколку пати поголеми од меѓународните (интернационалните) туристички движења. Аналогно на ова во вкупните (домашни и меѓународни) светски туристички движења учествуваат многу повеќе од 1 милијарда туристи и се остварува многу повеќе од 1.5 милијарди USA $ туристички приход.

            Масовноста на туристичките движења, го претворија туризмот или (Travel & Tourism) секторот, не само во најмоќен економски фактор, туку и во фактор кој има силно и големо влијание врз физичко-географскиот простор и врз животната средина. Влијанието врз животната средина е очекувано и нормално, ако се знае дека туризмот како феномен и појава се одвива во географскиот простор. Денес животната средина е основата на современиот туристички производ. Во последните три децении се поголемо внимание и значење се дава на животната средина, нејзината заштита, сочувување и реставрација. Идните проекти (во секој стопански сектор) кои нема да ја поддржуваат заштитата на животната средина, и покрај нивната економска оправданост и профитабилност ќе бидат неиздржани, ќе останат нереализирани и однапред се осудени на неуспех. Перспективите и профитабилноста на Travel & Tourism индустријата се повеќе ќе зависи од сочувувањето и одржувањето на атрактивноста на туристичките дестинации, кои туристите сакаат да ги посетат, видат и доживеат. Поради ова современите субјекти (од сите нивоа) во Travel & Tourism индустријата, мора да дадат приоритетно значење на заштитата на животната средина.

            Туризмот има моќ да влијае и да ја менува животната средина, да обезбеди фондови и средства за конзервација, да ја негува културата, традицијата, историјата и етно-социографските вредности, да обезбеди одржливо користење на ресурсите, да ги заштити природните атрактивности ит.н. Меѓутоа туризмот има моќ и да уништува. Доколку туризмот правилно не се планира и имплементира може да ја уништи флората и фауната, да ги загади плажите, да предизвика и стимулира непланска градба, да го елиминира и деградира просторот, да создаде проблеми со отпадните води, да ги игнорира и запостави потребите на домицилното население и.т.н.

Туризмот мора да овозможи заштита на животната средина, заштита на природните туристички ресурси и атрактивности, за да се задоволат потребите и мотивите на туристите, а истовремено да се осигура неговата одржливост.

Односите Туризам-Животна средина, не се едноставни, напротив тие се многу комплексни и сложени. Нивниот однос еволуирал и се менувал со текот на времето, зависно од периодот и динамиката на развојот на туризмот. Во почетокот односот помеѓу туризмот и животната средина може да се окарактеризира како однос на „коегзистенција“, каде туризмот и животната средина постојат истовремено и засебно. Туристичките активности не биле секогаш компатибилни со потребите на животната средина, но сепак не доведувале до загрозување и нејзино уништување. Ваквиот однос помеѓу туризмот и животната средина се задржал се до појавата на масовните форми на туризам. Во овој период односот еволуира и се создава друг однос помеѓу туризмот и животната средина кој можеме да го окарактеризираме како однос на „конфликт“. Во оваа фаза туризмот динамично се развива, драстично се зголемувааат меѓународните туристички движења, се посетуваат нови, далечни и нетрадиционални туристички дестинации ит.н. Сето ова резултира со директни и индиректни, намерни и ненамерни деградациони влијанија врз животната средина, поради што туризмот и животната средина се наоѓаат во меѓусебен конфликт. Еволуцијата на односот помеѓу туризмот и животната средина продолжува, така да денес нивниот меѓусебен однос можеме да го окарактеризираме како однос на „симбиоза“, што подразбира дека тие се зависни еден од друг и се во меѓусебна тесна, корисна и трајна заедница, од што зависи и нивниот понатамошен развој.

Природа

По ваквите согледувања се наметнува прашањето: дали најголемата светска индустрија, Travel & Tourism индустријата има и најголемо влијание врз животната средина? Одговорот на ова прашање е даден предходно каде е спомнато големото влијание (позитивно и негативно) на туризмот врз животната средина.

За да се намали и елиминира негативното влијание на туризмот, а истовремено да се иницирааат неговите позитивни ефекти врз животната средина, воведени се нови концепти за развој на туризмот. Такви се: концептот на одржлив развој на туризмот, екотуризам, натурален туризам и останатите алтернативни форми на туризам, концептот на максимални носечки капацитети и сл.

           

Автор: м-р. Дејан Наковски