Уште во периодот 1958-1960 година, територијата врз која се простира денешниот Јасен била прогласена за резерват. Целта на прогласувањето е заштита на биоценолошките, флористичките, фаунистичкит е, хидролошките и геолошките природни реткости. Во рамките на заштитните дејности спаѓа и ловството, чија цел е заштита и унапредување на автохтоната ловна и друга фауна.

02Разнообразноста на релјефните форми и големата висинска разноликост на теренот оневозможуваат јасно диференцирање на екосистемите па поради тоа јасно одредување на живеалиштата на животинските видови. Посебна ловна атракција се дивокозата, дивата свиња, муфлонот, еленот, срндакот, волкот, лисицата и многу други видови дивеч со кои изобилува територијата на Јасен. Во оваа територија изградени се повеќе сместувачки капацитети во кои се организира престојот на гостите. За да се пристигне во Јавното претпријатие за управување и заштита на повеќенаменското подрачје „Јасен" - Скопје можат да се користат две сообраќајници и тоа: Скопје - село Матка - Преслап и Скопје - Нова Брезница - Кула. 

  

    

03

Исток:Од манастирот Св.Андреја, границата се движи на исток по гребенот и избива на билото над селото Света Петка па минува на југозапад го сече новиот пат Рудине-Нова Брезница врти на југ каде го сече стариот пат Нова Брезница-Кула кај местото „Дервен Дол“.Границата продолжува во правец на селото Патишка Река по билото над неја каде врти кон југоисток и во правец на југ низ пределот „Убава“ - Караџица и се спушта во Боро Поле.
Југ:Од Боро Поле границата продолжува кон југозапад,минува и излегува во месноста „Сенокос“ па свртува северозападно и излегува на највисокиот врв-југоисточно од селото Тажево
Запад:Од врвот североисточно од „Даутица“ границата продолжува во правец на северозапад и по билото над местото „Добри Дол“во насока кон север се спушта во сливот на реката Оча во реката Треска.Потоа границата продолжува по текот на реката Треска до месноста наречена „Гргурски Лаки“.
Север:Од месноста „Крстец Тепе“ границата оди кон североисток,односно по билотона „Осој“ и се спушта кај манастирот Св.Андреја, односно на езерото „Матка“.

 

 

 

 

 

  

ПРИРОДНИ КАРАКТЕРИСТИКИ

04Караџица го зазема западниот дел на Јакупичкиот планински масив. Нејзините главни карактеристики се заоблените била со изразени фосилно- глацијални и карсни форми, а клисурестите и кањонските страни на реката треска со големите расеани отсеци му даваат на просторот исклучителна пејсажна убавина. Највисокиот врв на Караџица има 2473м а по него доаѓаат: “Убава” со 2350м, “Остри Врв”2275м, “Мирска Вода” 2180м, “Миленков Камен” 2217м, итн.
Кон северозападниот дела на Јасен се протега Сува Планина, која со високите страни и стрмни отсеци гравитира кон среднишниот тек на реката Треска. Планината е сосема варовничка, безводна и со многубројни карсни форми.
Посебна морфолошка специфичност на Јасен му дава рејлефот на сливните делови на реката Оча и Пеколник кои се силно дисецирани и релјефно расчленети.
Деловите на Сува Гора односно на “Осој” што влегуваат во составот на Јасен им припаѓаат на средно високите планини во Македонија, а од Јакупичкиот масив ги двои р. Треска. Страните на оваа планина што гравитираат кон реката се карпести и многу стрмни, а во некои делови и тешко проодни. Нај високиот врв е “Крстец Тепе” со 1401м.
Исклучителна физиономија на целиот простор му дава релјефот на клисурестиот и кањонскиот дел на р. Треска. Длабоката клисура и кањонот на оваа река се последица на интензивното продлабочување на речното корито во варовничката подлога. Како последица на вертикалата ерозија, коритото на оваа река создало длабоки стрмни и тешко проодни и непреодни падини. Најниската надмориска височина од 319м се наоѓа кај браната на Езерото “Матка”.
Висинкста разлика мешу најниската и највискота надморска височина во Јасен изнесува 2154м.
Според изложените приордни карактеристики на Јасен може да се констатира дека тој има хетероген релјеф чија општа физиономија ја определуваат високите купеести врвови и била, испресечени со поголем број вртачи, карсни полиња, клисурести и кањнонски стрмолии како и големи раседни отсеци што се спуштаат кон р. Треска и Оча.

ХИДРОГРАФИЈА

Исклучувајќи ја р. Треска и Патишка Река, хидрографијата на Јасен е мошне сиромашна и е резултат на така наречена карсна хидрографија на планински масиви.
Изворите најчесто се јавуваат на места каде што мермерите и доломитите допираат до непропусливи карпи. Во сливот на р. Треска изворите се јавуваат на ниво на нејзиниот тек, што укажува на релативно големата подземна циркулација на водата во овој простор.
На Сува Планина и на Караџица изворите се јавуваат на крајот на пукнатините на доломитските мермери и кристалестите шкрици. Во јужните и југозападните делови на резерватот се извориштата на Патишка Река, Оча и Пеколник. Последниве две реки се влеваат во Треска, која во Јасен се јавува како главен реципиент на сите подземни и надземни водотоци од западната страна на Јакупица.
Патишка Река од извориштето до пред истоименото село има постојан површински тек, а потоа понира. Водотокот на оваа река се одвива со раседи чии страни се составени од непропустливи стени од една од една страна и мермери од друга страна.
Р. Оча е вклештена во расед од доломити и доломитски мермери и има кривулест тек. Површинското оттсекување на оваа река е испрекинато. Во услови на сушен период и низок водостој понира, односно истекува подземно.


05Матка е најстарото вештачко езеро во Македонија, чијашто акумулација е изградена во 1938 година. Акумулационото езеро Матка, се протега 7 километри низводно по реката Треска, величенствено со својата метално сиво - зелена боја. Стрмните сиви седиментни трошни карпи, омилена рута и вечен предизвик на алпинистите - авантуристи, се издигаат високо над езерото, а со своите крајбрежја остро ја засекуваат мистериозната водена површина на езерото.

 

 

 

  

06Акумулацијата „Козјак“ или езерото „Козјак“ долго е околу 32 километри, со длабочина од 130 метри, а максималното растојание од едниот до другиот брег изнасува 400 метри. Се наоѓа на идеална надморска височина од 470 метри со вкупен волумен од 550 милиони м3 вода и корисен волумен од 260 милиони м3. Има најбогат рибен фонд. Основата на браната е 500, а круната или врвот 310 метри. Тоа е најдолго вештачко езеро во државава. Според атракцијата и функционалноста на езерото, неспоредлива е изградбата на таканаречениот воден лифт, таму каде што етапно ќе се регулира водостојот на водата во езерото. Оваа огромна инка за зауздување на водите во најголемите дождовни периоди е втора по функција во светот, бидејќи ја градеа истите кинески експерти што ја граделе и проектирале најголемата светска брана на Жолтата Река во Кина.

 

 ВЕГЕТАЦИСКИ ОДЛИКИ

Клисурата на р.Треска од селото Здуње па до браната “Матка” е засолнета од регионалните климатски влијанија. Геолошката подлога ја сочинуваат разни карбонатни стени, а сосема малку се застапени силикатни шкрилци. Освен тоа, вертикалниот профил се протега меѓу 300 и 2.300 метри надморска височина и висинската разлика од 2.000м. Поради плеистоценската ерозија, почвите на големи пространства се измиени. Само на благи наклони или на силикатна подлога се среќаваат поразвиени почви. При овие услови доминантно место заземаат орографско-едефски условените растителни заедници, додека климатогената растителност е на мали површини. Хидролошки условената вегетација е минимално застапена, а мали површини заземаат и примарните алпски пасишта.

ФАУНА

07Врз денешново распространување на животинските организми силно влијание имале евидентните промени што се случиле кај одделни еколошки фактори за време на последните развојни геолошки формации на земјата. Во терциерното геолошко раздобје, речиси во поголемиот дел на Европа, климата била потопла, а особено таквата состојба била присутна по миоценската епоха.
Поради тоа, денешното распространување на животинските организми може да се прифати само како една конкретна состојба што е во функција на времето и претставува променлива, но истовремено и карактеристична појава. Доколку се вратиме наназад во геолошката историја и доколку се следи развојот на фауната во Јасен, може да се констатира дека еден број од видовите што живеат во него потекнуваат од времето на терцијарниот период, односно од еоценската епоха. Таков е случајот со фамилиите на гризачите, лилјаците, копитарите, ѕверовите и др.
Во зоографски односи Јасен е мошне интересен природен објект, бидејќи во него може да се сретне одреден број реликтни видови застапени со ограничени популации, а во геолошката историја биле широко распространети, потоа ретки, односно видови врзани за ограничено местоживеење, како и поголем број видови чии опстанок е загрозен или се наоѓаат пред исчезнување во поширокиот простор на Европа.
По својата местоположба, Јасен му припаѓа на старосеверното – палеарктичко распространување на животните. Исто така, во Јасен се присутни и елементи на средноазиско потподрачје (белиот мршојадец, шумскиот ползач, зелениот гуштер, копнената европска желка и др.). Во орнитофауната пак се среќаваат и заеднички елементи од тропските подрачја (пчеларката, славејчето, џвингалките и др.).

 Отстрел на дивеч. Мерките што се предвидени со долгорочната програма за заштита на дивечот во “Јасен” немаат конзерваторска туку развојна функција. Во оваа смисла од посебно значење се мерките за елиминирање на какви и да било насилни дејствија на човекот во природните екосистеми во кои опстојува и се развива дивечот. Во рамките на “Јасен”, автохтоните видови дивеч се одгледуваат по природен начин, со примена на соодветни биотехнички мерки, а кои не ја наршуваат популационата динамика надвор од природните законитости. Одгледувачкиот отстел на дивечот се изведува во обем што само ја надополнува природната селекција кај крупниот дивеч. Основна цел на ваквиот отстрел кај крупниот дивеч е насочена, пред се, кон трајно одржување на природната структура на популациите, но и кон елиминација на неквалитетни и престарени грла од обата пола.

РЕТКОСТИ

„Јасен" - помага со опрема во истражувањето на пештерата „Под Врело“ и на нашите нуркачи. Меѓународната спелеонуркачка експедиција која ја истражува подводната пештера Врело на Матка снима материјали за документарен филм за пештерата и за кањонот. Италијанскиот спелеонуркач Луиѓи Касати наиде на платформа на длабочина од 190 метри во Врело, каде има нов отвор со неистражена длабочина. Тоа ќе биде извонредна можност за развој на туризмот бидејќи на овој начин Врело ќе влезе и во спелеонуркачката карта како една од најинтересните пештери во Европа. Од оваа година во Јасен се планира поставување на постојана платформа кај Врело, со школа за спeлеолошко нуркање која би имала предавачи од цел свет.

08

09

Во Јасен се среќаваат и подземни карсни форми. Овие карсни форми претставуваат подземните пештери кои привлекуваат огромен број на спелеолози од цел сврт. Овие подземни пештери се природна реткост во Јасен и во Република Македонија и претставуваат дури и светско богатство. Во една од истражените пештери е пронајден сталактит во форма на јајце. За да настане овој сталактит му биле потребни повеќе од милион години.

11  12 13 

14  15

17  16

Заклучни согледувања

Врз основа на напред изнесеното со право може да се каже дека ЈПУЗПП “Јасен” го оправдува своето постоење кое веќе трае повеќе од педесет години. Јасен е формиран во 1958 година од страна на Владата на Р. Македонија и се наоѓа на 30 km од главниот град Скопје и ги зазема планинските масиви на Јакупица, Караџица, Сува Планина и Сува Гора.
Се простира на површина од 32.000 хектари и внатре во Јасен разликата помеѓу најниската и највисоката кота изнесува повеќе од 2.100 m. Во состав на територијата влегуваат три вештачки акумулации (Матка и Козјак) кои се изградени и третата Св. Петка која е во изградба. Постојат многу природни извори, една река понорница (Оча) со најразлични карсни форми. Подземните карсни форми низ територијата на Јасен отсекогаш ги привлекувале спеолозите од целиот свет. Пронајдени се неколку подземни пештери во кои научниците се уште работат и кои се уште на се истражени. Јасен во наредниот период по научните истражувања ќе овозможи пристап на јавноста до ова непроценливо богатство, а воедно ќе го заштити од уништување.
Во Јасен има изградено повеќе куќи во ловечки стил за ловците кои престојуваат на лов. Ловниот туризам во Јасен е значајна економска активност, заради професионалноста, искуството, строгиот систем на управување со дивечот. Државното ловиште Јасен е едно од нај респектираните ловишта во Европа, а во последните години и во светот и тоа во самиот врв, така што се вбројува меѓу првите пет светски ВИП ловишта.
Разновидноста на флората и фауната во Јасен се должи на големата контрола и заштитеност како и строгиот режим на заштита на природните реткости врз кои се посветува посебно внимание. Тоа се постигнува со потпишување на меморандуми за соработка со научни институции специјализирани за овие области со што се зголемува и збогатува одржливоста и заштитата на овие природни реткости.
Од непроценливо историско и културно наследство е и сливното подрачје на р. Треска по кое се наоѓаат голем број манастири, цркви и светилишта кои зборуваат за историското наследство на македонскиот народ. Во овие манастири и цркви се наоѓаат икони од непроценлива вредност.
Заштитата на природата, биодиверзитетот, управување и зајакнување на еколошката, институционалната и финансиската одржливост на системот за заштитени и повеќенаменски подрачја, низ едукација и воведување на стандарди, е преокупација на тимот и вработените во Јасен.

Користена литература:

1. Шумски - резерват „Јасен”, проф. д-р Борис Трпков, проф. д-р Радослав Рисовски, дипл. инж. Теофил Здравковски
2. Билтен бр. 6 - ПМФ - Скопје,
3. Планински масив “Јакупица”, Стефанка Хаџи Пецова, Михаило Зиков, Пене Пенев
4. „Ловство” од проф. д-р. Б. Трпков
5. Шумските екосистеми во Р. Македонија од Борис Трпков
6. Можности за одгледување крупен дивеч, Б. Трпков, Малетиќ
7. „Паркови и зеленило”, проф. д-р. Радослав Ризовски

Благодарност до вработените на „Јасен“ за нивната помош и сугестии во користење на разновидна литература (извештаи, брошури, проспекти, фотографии, интерни материјали, написи и сл.)

Автори:

проф. Васко Лазаревски, магистер по географски науки
проф. Лепа Димовска, дипл. географ
ООУ „11 Октомври“ – Центар, Скопје