Во рамките на Еразмус+ КА219 проектот „European Information Network: Active Learning Effective Teaching at School“ беше одржана првата интернационална обука во периодот од 10-16.12.2017 година во Катанија, Италија. На обуката присуствува членови од партнер-училиштата од Турција, Италија, Германија, Финска, Португалија и Македонија.

Делегацијата од ООУ „Христијан Карпош“ од Куманово, беше составена од одделенските наставнички Александра Павловска и Данијела Стефановска и Дејан Младеновски, професор по географија, како и учениците од IX одделение Марио Ристовски, Милош Костиќ и Анастасија Димитриевска.

01


Целите на обуката беа:
- Меѓусебно запознавање на претставниците на партнер-училиштата;
- Запознавање со образовниот систем на Италија преку присуство на нагледни часови;
- Учество во работилници за примена на методи за зголемување на мотивацијата кај учениците, како и зголемување на нивниот интерес за активно учество во самиот воспитно-образовен процес;
- Дискусија и анализа на постоечките програми за интеграција – размена на искуства и добри пракси;
- Развивање на меѓукултуролошкиот дијалог и подобрување на знаењата и сфаќањата за образовните системи во другите земји.
- Учество во работилници за градење на довербата, на начин што ќе ѝм се овозможи на учениците од различни земји да се запознаат и да создадат меѓусебно разбирање, да работат заедно во рамките на заедниците и да создадат културолошка толеранција.

02

Како дел од посетата на Катанија беше и запознавањето со природно-географските карактеристики на регионот, запознавање со културно-историските знаменитости на Сицилија како и запознавање со традицијата и културата на луѓето од овој дел на Италија.

03

За мене како географ, посебно интересна беше посетата на вулканот Етна. Фасцинантно е како луѓето на Сицилија научиле да живеат со активен вулкан и како се приспособиле да опстојуваат во непосредна близина на планината, од која високо во облаците се издига чад. На прв поглед Етна изгледа како „обична“ планина, но приближувајќи се кон неа, таа го покажува својот раскош, но во исто време моќен и застрашувачки лик. Силниот ветер, црната боја на околината од последната ерупција во 2001 година, ја потврдија мојата фасцинираност од Етна, но во исто време и благодарност за пружената шанса и прилика да уживам во убавините на Етна и Сицилија истовремено.

04

Нашето присуство на Сицилија беше надополнето со гостопримливоста на Сицилијанците, изобилството од свежо овошје и зеленчук, сицилијанската паста, присуството на фаст’ците во специјалитетите, задолжителното еспресо, посетата на познатиот туристички центар Таормина и помалку познатото населено место Белпасо, скулптурите изработени во стврднатата лава.

05  06

Секако остана нешто неоткриено и недоречено но секако и прилика да се посети Сицилија некој следен пат.

Дејан Младеновски
Наставник во ООУ „Христијан Карпош“ од Куманово