Некогашните номадски племиња од турското потекло Кумани, навлегувајќи од Азија од исток на територијата на Европа, па и на Балканскиот полуостров и на територија на денешна Република Македонија, во 11 век, со цел вршење на грабежи, оставиле голем траг со нивното присуство на овие простори, кое е сочувано и ден денес во нивните топографски имиња на населени места.

Во чест на нивното присуство во минатото на овие простори, денес многу населени места носат име од нив. Ќе ги наброиме само некои од нив. Денешниот град Куманово во нашата држава, селото Куманово во околината на Пирот во соседна Р. Србија, Куманис (Koυμaνηξ, Пелапонез), Комана (Comana, Добруџа), Команешти (Comanesti, Молдавија), Куншаг и Кишкунхалаш (Kunság, Kiskunhalas, Панонија) и т.н. Интересно е да се напомене во средновековниот период, на територија на денешно Косово, постоело село кое сега е исчезнато, а се викало Куманово. Можеме да напомене дека постои и еден запис од 1300 година, со име „кумански брод“ на Вардар, во Скопје. Во оваа прилика ќе кажеме малку повеќе за исчезнатото село Куманичево во Кумановскиот крај. Денес со име Куманичево постои село во општина Кавадарци и исто така постои село Куманичево (Костурско) во Егејска Македонија. Во кумановскиот крај во минатото постоело едно предание дека денешниот град Куманово, настанал со раселување на денешното исчезнато село Куманичево, кое пак по тоа предание постоело пред турското освојување на овие простори.

Kumanicevo Gjosevski
Во турскиот опширен пописен дефтер за Нагоричката нахија од 1519 година е регистрирано селото Куманичево. Со извршениот попис во селото се попишани 13 муслимански семејства и 2 неженети муслимани. Во пописниот дефтер од 1570 година, во кој се регистрирани вакафите во нахијата Нагоричино, името во селото е запишано во обликот Куманович. Во турскиот опширен пописен дефтер од 1570-1573 година за Нагоричката нахија името на оваа село е запишано како Село Куманичевци, чијшто атар бил поврзан со атарот на селата Речица и Нагоричино. Со овој попис во селото биле избројани 23 муслимански семејства и 6 неженети лица. Со формата Куманичево името на селото се споменува во една белешка во истиот дефтер каде што е забележано дека атарот на селото Скендерли, денес селото Доброшане, бил „заеднички со синорите на селата Бисли, Куманичево и Жерновци.“, а во една друга белешка тоа е запишано со формата Куманичевци. Од изнесените историски податоци може да се констатира дека исчезнатото село Куманичево, кое во турските докменти фигурира со две имиња, и тоа како Куманичево и Куманичевци, се наоѓало во месноста која и денес се вика Куманичево, а се наоѓа во атарот на селото Младо Нагоричане. Неговата местоположба е определена и во пописниот дефтер кој децидно се кажува дека атарот на селото Куманичево се граничел со атарот на селата Речица и Нагоричане.

turski doklumetni

Литература:
А. Узелац – Кумани у средњовековној Србији, Филозофски факултет Београд.
Љ. Станковска – Имињата на населените места во Кумановско, Метаморфоза, 2003, Скопје.
П. Влаховић – Етнички процеси у Македонији, Гласник етнографског музеја, књ 36, Београд, 1973.
А. Урошевић – Куманово (Годишен зборник на филозофскиот факултет во Скопје, Природно-математички оддел, књ. II Скопје 1949, с.1-44)

Подготвил: Филип Ѓошевски – Дипломиран географ