Кратово е град во североисточниот дел на Република Македонија. Лежи на западните падини на Осоговските Планини од двете страни на Кратовска Река, на дното на изгаснат вулкански кратер, по кој го добило и името, на надморска височина од околу 700 m. Зафаќа површина од 220 ha.

Има умерено континентална клима со просечна годишна температура на воздухот од 11,6°С и просечна сума на врнежи од 700 mm. Кон крајот на 19 век во него живееле 4.500 жители од кои значаен број биле Турци. По 1912 година голем дел од Турците се иселиле, така што Кратово се претворило во мала градска населба која во 1931 година имала само 1.883 жители. И денеска тоа е мал град со 6.924 жители, во кој 97% од населението се Македонци. Од малцинствата има само Роми (151 жител). Ние оваа прилика ќе се задржиме и ќе кажеме нешто повеќе за потеклото на населението на Кратово како и за родовите кои живееле во него. Но прво треба да напоменеме дека изнесените податоци што ќе ги изнесеме се однесуваат за 1931 година и пред тоа, бидејќи од тогаш имаме податоци. Од тогаш па наваму има поминато близу 90 години, па има огромна разлика во состојбата од тогаш и денес. Некои семејства денес и не постојат поради временската разлика од тогаш до денес и емиграција на населението, а за Повоеното (ново) доселување на родовите во Кратово, во оваа прилика немаме податоци.

01
Во 1931 година во Кратово имало 172 семејства (350 домаќинства - куќи) и тоа 146 семејства (310 домаќинства) христијани, 17 семејства (29 домаќинства) муслимани (Турци) и 9 семејства (11 домаќинства) Роми. На едно семејство се паѓало по 2,03 домаќинства. Во 1890 година, во Кратово имало 1230 домаќинства, и тоа: 760 турски, 410 христијански и 60 ромски. 1912 година имало 1080 домаќинства. До 1912 година најголем број било застапено турско население. Како што напоменавме, во 1931 година имало 49 семејства (135 домаќинства) старинци и 123 семејства (215 домаќинства) доселеници. Старинци се следниве семејства: Ашчи-Крстовци (6 домаќинства) кои се сметаат за еден од најстарите семејства. Се зборувало дека водат потекло од семејството на Св. Ѓорѓи Кратовски. Реповци-Коко-романци (3), Караванци (2), Божиковци (3), Џамѓозци (4), Бојчевци (2), Дрневци (8), Борнарци (1), Маќевци (7) и Кондевори (5). Во сите овие семејства имало респектибилни луѓе, попови и економисти. Шешперци (2) кои биле угледни трговци со масло и тргувале со Солун. Миќевци (4) каде и од оваа семејство имало угледни луѓе и трговци. Дудушци-Цветинчеви, каде од оваа семејство имало кујунџии (изработувале предмети и украси од злато и сребро). Стевчеви (2), каде од оваа семејство бил прв учител во Кратово во 19 век, Пардуовци (1), водат потекло од некој грк, Панчевци (2), Котревци (7), Рамевци-Суќевци (3), Џашикци (2), Бајевци (3), Мангровци (2), Чукчукци (2), Билковци (3), Бидици (4), Дејановци (2), Тричковци (8), Томчевци (2), Канчевци (2), Трпковци (1), Велин Поцевци (3), Чаневци (3), Чепишовци (2), Гаџевци (5), Брборковци (3), Дудевци (1), Буреци (1), Шљакневци (2), Белокапци (1), Боцинчевци (1), Аџи-Митевци (1), Лесевци (2), Граматикци (1), Маџарци (4), Џоневци (1), Магаришчарци (3), Бошевци (2), Дупиновци (2), Симоновци (2), Сентовци (1), Пенџуклијци (1), Фикинче (1), Трте (1), Мојсејчевци (1) и Мирчевци (1). Сите овие семејства се Македонци и Срби со православна верoисповест. Што се однесува за турското население, по народно предание меѓу турските семејства имало и такви кои се населиле веднаш по завземањето на Кратово од страна на турците. Еден член од турското семејство Сулејман-бегови зборувал за тоа како нивното семејство години наназад се доселиле во Муратово (1) време од градот Коња од Мала Азија. Стари доселеници, доселени пред 18 век припаѓаат уште и овие семејства: Заимци, Семурлаовци, Змичевци, Демир-Алијски, Анабешпара, Едиповци, Јантевци, Батија-беговци и Асан-ефендијски. Сите овие семејства зборувале за тоа дека нивните претци биле доселени од Мала Азија.
Останатото христијанско и мухамеданско население доселено е во 17, 18, 19 и 20 век.
Во 17 век се доселиле овие семејства: Петревци-Поп-Андоновци (2) и Манговци (2) „од Прилепско“, Грозданци-Топуци (7) и Поп-Димитријевци (2) од Самоков (Бугарија). Овие доселеници зборувале за тоа дека нивните претци биле попови или угледни трговци и го бранеле народот од турските зулуми, со кои се замериле со тогашните турци. Затоа го напуштиле својот крај и се населиле во Кратово, каде тогаш населението поради рудниците имале поголема слобода. По се’ изгледа Кратово во 17 век било некој вид на засолниште на христијаните.
Во 18 век, поради турската анархија и навлегувањето на Арнаутите на исток, христијанското население бегало испред нив, и се засолнувале во планинските предели кои биле подалеку од главните комуникациски артерии ( како што е случај со Кратовскo-Злетовската област). Оттогаш во овој век има доселеници од дебарски, тетовски и врањски крај во оваа област па и во самото Кратово. Тогаш во Кратово биле доселени овие семејства: Глигоровци (2) „од Дебарско“, Наковци-Ѓоревци (4) „од Тетовско“. Оваа семејство било многу плодно. Една жена родила 18 деца, Голубанци (10), од блиското село Врбица, а таму од „Врањско“, Ковачи (2) доселени од Горно Кратово, а таму „од Врањско“. Сите овие доселеници зборувале за тоа дека нивните претци побегнале од својот крај поради тоа што убиле некој Арнаутин, што правел зулуми, и бегајќи од нив поради освета, се доселиле во Кратово или некое кратовско село под заштита на кратовските бегови. Во 18 век не работеле кратовските рудници, и тогаш турците околните села ги претвориле во чифлици. Затоа во овој век кратовските бегови ги примале доселениците од подалечни области, и ги заштитувале од освета под услов тие да постанат нивни чифчии. Подоцна некои од овие доселеници преминале во градот, што е случај со споменатите семејства Голубанци и Ковачи. Од блиските села во 18 век се доселиле овие семејства: Чачерци (6), Деспотовци (3), Тошевци (4) од Куклица; Миладинци (8) од Тополовиќ. Овие доселеници зборувале за тоа дека нивните претци се доселиле во Кратово како слуги кај беговите.
Во 18 век доселени се и некои турски семејства и тоа: Грошчијци, една од најпочитуваните и најмоќните семејства во Кратово. Се доселил некој Грошчија околу 1720 година од Дупница (Бугарија), како државен чиновник; Насфовци (2), се доселил некој Шамли-Мемет „од Шан“ (Дамаск), Атула-ефендијски, доселени од Ќустендил (Бугарија).
Причина за доселувањето на населението во првата половина на 19 век во Кратово било обновувањето на рудниците и потребата за работа во нив. Голем број на работниците од соседните области кои работеле во рудниците, во првата половина на 19 век се населиле и во Кратово. Од тие доселеници припаѓаат овие семејства: Газдевци (2) „од Скопско“, Игњатци (2) „од Кумановско“, Пезовалијци (2) од село Пезово (Овче Поле). Тогаш во Кратово се населиле и некои занаетчии од соседните градови, и тоа: Аџи Костевци (4) од Крива Паланка, како сапунџии, Бурекци (2) и Каќевци (2) од Штип. Први се доселиле како бојаџии, а втори како кујунџии, Шатевци (1) од Кочани. Кратово во првата половина на 19 век привлекло и значителен број на семејства од блиските села, и тоа: како (надзорници во рудниците) Калинци (3) од Близанци, Ристовци (1) од Шлегово и Наковци (3) од Пишица; како работници во рудниците, Соколовци (3) од Добрево и Заровци (2) од Плешанце. Некои дошле како слуги „ешекчии“ и т.н. и од нив се семејствата: Терзијци (2) и Тасковци (2) од Карвачко, Баштеванци (2), Шантртаци (3), Кукавичини (2) и Доролејчевци (2) од Шлегово, Ајдук-Илевци од Лесново, Марковци (3) од Пробиштип, Блажевци (1) од Куклица, Бубинци (1) од Железница, Томчевци (2) од Стрмош, Тодорци (1) од Горно Кратово, Маџевци (1) и Поп-Павлевци (1) од Крилатица. Меѓу доселениците од блиските села има и такви кои таму биле доселени од подалечни области, а тоа се: Шапкалијци (5) од Туралево, а таму „од Врањско“, Павленцевци (2) од Нежилово, а таму „од Врањско“ и Јакимовци (1) од Лесново, а таму „од Кочанско“.
Во првата половина на 19 век се доселиле овие турски семејства: Мамут-аговци (2) од Призрен и Ганиски (2) од Карадаг (Кумановско).
Посилно било доселувањето во Кратово во втората половина на 19 век, особено од блиските села, иако работата во рудниците престанала во средината на истиот век. Тогаш населението во селата било несигурно поради ајдучките и комитските акции, а и тежнението на селанецот за подобар и „полесен“ живот. Во втората половина на 19 век се доселиле следниве семејства од околните села: Јаневци (2) од Приковци, Кацарци (2), Мајстор (1), Борнарци (2), Пазавантин (1) и Сипкини (2) од Шлегово, Стојмир (1) од Филиповци, Ковач (1) од Карвачко, Вучки-Анџијски (3) и Великденчевци (2) од Талашманце. Првите во селото Талашманце се доселиле во 18 век од село Петралица (Славиште), Шангаловци (3) од Петршино, Јаниќевци (1) од Лесново, Мачорци (2), Тренчевци (2) и Јаневиќ (1) од Близанци. Првите две семејства се доселени во оваа село во 18 век „од Врањско“, Апостоловци (1) од Туралево, Борнарци (2) и Ѓурезарци (1) од Мушково, Плешанци од Плешанци, Воденичар (1) од Древен, Севастијин (1) од Живалево, Скендер (1) од Пробиштип, Кусомарчин (1) од Барбарево. Во оваа време доселени се некои семејства од поблиските и подалечните градови како занаетчии, и тоа: Цревар (1) од Велес, Паланчанци (1) од Крива Паланка, како самарџија, Калајџија (2) од Крушево, како калајџија.
Поради ајдучките и комитските акции, турците кои во помал број биле населени во околните села, ги напуштаат селата во втората половина на 19 век и се доселуваат во Кратово. Тогаш дошле: Малик и Зариф (2) од Приковци, Бато (1) од Страцин и Добревци (2) од Добрево. Во 1878 година во Кратово се населиле и 20 домаќинства, турци-мухаџири од Бугарија. Во Кратово им било дадено куќи и земја каде подигнале лозови насади. Сега каде во минатото се наоѓале лозовите насаде, местото се нарекува „Маџарски Лозја“. Во втората половина на 19 век биле доселени и некои муслимански семејства од Босна. Една од тие семејства е и Фејзула-Амет (1), доселен од Сараево. Во втората половина на 19 век биле доселени и останатите турски роми, како што се: Беќировци (2), Адим (1) и Асановиќ (1) од Ќустендил, Таировиќ (1), Ибраим (1) и Јашаровиќ (1) од Крива Паланка, Реџеповци (2) „од Врањско“ и Адемовиќ (1) од Злетово.
Доселувањето продолжува и во 20 век, но само од околните села. Во 20 век се доселени следниве семејства: Самарџија (1) и Кацар (1) од Шлегово, Воденичар (2), Чолаци (2), Говедар (1) и Млачани (4) од Горно Кратово, Фурунџија (1) и Стуболски (1) од Горни Стубол, Нежиловски (2) и Нежиловци (2) од Нежилово, Ванкин (1) од Петршино, Пржевци (1) од Плешанце, Американац (1) од Секулица, Воденичар (1) од Тополовиќ, Близански (1) од Близанци, Димитријевиќ (1) од Вакав, Палагијин (1) од Трновац, Врбичански (1) од Врбица, Алт’нчеви (2) од Железница. Од подалечни краеви во 20 век биле доселени само две семејства: Арсиќи од Прокупље (Србија) како учител и Спајиќ од Црна Гора како чиновник.
Причина за доселување на населението во 20 век е несигурноста и безбедноста на селото поради комитските акции. После 1912 година, населението од околните села се доселувале во Кратово, купувајќи имот од иселени Турци.
Во следната табела е претставено движењето на населението во Кратово по пописни години.
02
Литература:
С. Симић – Историја Кратовске области, Државна штампарија Краљевине Србије, Београд 1914.
Т. Ђорђевић – Кратово, Посебна издања Географског друштва, св. 11, Београд 1931.
А. Стојмилов – Социоекономска географија на Република Македонија (второ дополнето издание), Скопје 2016.

Подготвил: Филип Ѓошевски – Дипломиран географ