Веројатно, ако направиме една анкета помеѓу граѓаните во Куманово на прашање: „Дали знаете каде се наоѓа Живкова карпа во Куманово?“, во најголем дел, скоро сите без размислување ке одговорат дека Живкова карпа се наоѓа во атарот на селото Проевце во близина на Проевска бања, а некои би одговориле и во близина на поранешниот хотел Куба и Градскиот базен. Дури и ако прогугламе на гугл, резултатите ќе ни ја дадат споменатата локација. Но, дали стварно Живкова карпа се наоѓа таму каде што најголемиот дел од граѓаните мислат – во атарот на селото Проевце? За да ја корегираме таа грешка и недоразбирање треба да видиме што пишува во литературата за Кумановскиот крај. За да го разрешиме тоа недоразбирање кое се пренесува од генерации на генерации, треба да ги пролистаме старите записи за Кумановскиот крај објавени уште пред 110 години.

1

Јован Хаџи Васиљевиќ, најдобриот познавач на Кумановскиот крај од при крајот на XIX и почетокот на XX век. Еминентен историчар, етнограф и писател - кој докторирал во Виена во 1898 година. Роден во Врање во 1866 година, а кој починал во Белград во 1948 година. По место на раѓање врањанец, во душа кумановец. Внук на иконом Димитрије Младеновиќ, најпознатиот поп и респектибилна личност во Куманово во XIX век. Син на Катарина, родена во Куманово, а омажена во Врање. Поради таа мајчинска љубов која била родена и потекнувала од Куманово, а кој и самиот често уште од своето рано детство одел во Куманово и престојувал кај својот дедо Димитрије – изразил желба да напише и објави книга за Кумановската област.
Тој Кумановската област делумно започнал да ја истражува уште 1889 година, но најголемиот дел на истражувањата ги вршел во периодот помеѓу 1894 до 1900 година. Како резултат на тие повеќегодишни теренски истражувања во Кумановскиот крај, во Белград во 1909 година ја печати и објавува книгата „Јужна Стара Србија : историјска, етнографска и политичка истраживања. Књ. 1, Кумановска област : (са двадесет и три слике у тексту и једном етнографском картом), Београд : Задужбина И. М. Коларца 1909“
Инаку, Ј.Х. Васиљевиќ е автор на уште многу други книги и научни трудови.
Да се навратиме на Живкова карпа.
Тој во едно поглавје од книгата што се однесува за Живкова карпа вели:
„Живкова Карпа се „кршеви“ према Куманово, веднаш преку река. Така се именувани по Живко Димитријевиќ српски учител во Куманово, кој учителствувал во тоа место од 1855. до 1868 год. Од таа се Карпа вади камен од кој се ѕидаат куќи и други згради во Куманово.“
2
Исто така уште вели:
„Овие карпи се инаку „залеѓе“ на Нагоричката Зарамнина. Во подножјето на Живкова Карпа према југоисток, сосема паралелно со Кумановската Река, се издигнува Проевска Карпа, недалеку од селото Проевце испод Куманово.
А за Проевска карпа пак вели:
„Проевска Карпа е уште поголем „крш“ од Живкова и се наоѓа кај самото село Проевце. Испод оваа карпа извира топла вода – Вруќа Вода, во кој се капе „свет“ како во бања.“
Од претходниот цитиран текст од книгата, може да заклучиме дека локацијата на Живкова карпа во Куманово се наоѓа во месноста која денес се нарекува „Багрем Бања“, веднаш над пругата во близина каде се спојуваат реките Којнарка и Липковка. Додека името на карпата која се наоѓа во атарот на селото Проевце се нарекува Проевска карпа.
3

Инаку, локацијата на Живкова карпа во Куманово е претставена и на Етнографската карта за Кумановската област изработена од самиот автор - д-р Јован Х. Васиљевиќ во размер 1:100.000. Во поновите топографски карти од поранешна Југославија како и во картата од Катастарот на Р.С. Македонија, името и локациите на карпите не се обележани.
Е тука сега наидуваме на една полемика и дилема што се однесува до учителот „Живко Димитријевиќ“, каде претходно рековме дека Живкова карпа е именувана во негова чест. Разлистувајќи го единствениот извор на податоци за состојбата на македонското преродбенско училиште во Куманово во XIX век среќаваме друг познат учител кој учителствувал во Куманово, Живко Марковиќ, а не Димитријевиќ. Можеби презимето Димитријевиќ од претходниот цитиран текст е згрешено.
Живко Марковиќ кој во Куманово уште бил познат и под надимакот Живко даскал, во Куманово дошол по препорака на тогашниот учител Денко Крстиќ. Тој потекнувал од Неготин (Србија), а според друг извор на податоци, некаде од Војводина – Србија. Во Куманово изведувал настава околу 11 години од 1855 до 1866 година. Учителот Живко Марковиќ бил доста образован и со својот карактер набргу ги пленил симпатиите на граѓаните на Куманово. Во Куманово тој формирал свое семејство, а освен ангажирањето во училиштето тој дејствувал и меѓу граѓаните во градот и ги поучувал на разни нешта. Посебно бил омилен заради своето црковно пеење.
Со доаѓањето на овој учител во Куманово наставата во училиштето претрпела суштински промени. Освен неминовните црковни предмети во програмата на училиштето биле внесени и: читање, историја, географија, христијанска наука, сметање и други предмети со световна содржина кои им го отвараат видикот на учениците и ги збогатуваат со нови знаења. Учебниците за изведување на оваа настава, учителот Живко Марковиќ ги носел од Белград и Нови Сад, од каде што покрај науката, струеле благи културно-просветни пропагандни влијанија на Србија.
4

Плодната работа на овој учител во Куманово ја спречила неговата болест, така што црковно-училишниот одбор бил принуден да бара нов учител за кумановското машко народно училиште.
Како и да е, населението во Куманово кое живеело при крајот на XIX и почетокот на XX век, карпата која се наоѓа во месноста „Багрем Бања“ ја нарекувале Живкога карпа, а во селото Проевце - Проевска карпа, а како тоа дошло до замена на локацијата и погрешно знаење на луѓето денес во Куманово, тоа ни преостанува да истражиме во некоја следна прилика.

Извор:
Ј.Х. Васиљевић – Јужна Стара Србија (Кумановска Област), Издање задужбине И. М. Коларца, Београд, 1909.
Ј.Х. Васиљевић – Просветне и политичке прилике у јужним српским областима у XIX в. (до српско турских ратова 1876-78), Друштво светог Саве, Београд, 1928.

Подготвил: Филип Ѓошевски – Дипломиран географ