Резиме: Република Македонија е ризница на многу истражени. но и неистражени природни реткости и културно-историски споменици од антиката до денес. Нејзината територија изобилува со природна убавина изразена преку бројни планини, котлини, полиња, клисури, пештери, како и извори, реки, водопади, езера.

Развојот на цивилизациите и интеркултурната комуникација на овие простори оставиле неизбришливи траги, за кои денес сведочат културно-историските споменици, етнографските вредности, музеите и галериите, а кои се изразуваат преку разните современи манифестациски туристички вредности.



Вовед

02

НЕИЗБРИШЛИВИ СЕ ТРАГИТЕ од материјалната и духовната култура низ бурните историски случувања на територијата на Македонија од предисторијата, антиката, римскиот период, средниот и новиот век. Денес, Република Македонија изобилува со материјални, духовни и културни вредности, кои се манифестираат низ бројни културно-историски споменици, етнографски елементи, амбиентални целини, градски населби, музеи, галерии, спомен-збирки, гастрономски и манифестациски туристички вредности.
Република Македонија се наоѓа во централниот дел на Балканскиот Полуостров. Таа, како речиси ниту една друга земја во Европа, има исклучително поволна туристичко географска положба. Се простира помеѓу 40°50’ и 42°20’ сгш и 20°27’30” и 23°05’ игд. Низ неа минуваат значајни патни правци кои ги поврзуваат деловите од Централна и Источна Европа со оние од јужниот и југоисточниот дел на континентот кои понатаму продолжуваат кон земјите од Блискиот Исток и подалеку. Најзначајниот меѓу нив секако е патот Е-75 кој ги поврзува Моравската и Вардарската долина и понатаму води кон соседна Грција и подалеку. На него се надоврзува таканаречената западномакедонска магистрала која е означена со бројот Е-65 и која го поврзува главниот град на Републиката Скопје со деловите од Западна Македонија а понатаму, преку граничниот премин Ќафасан, и со соседна Албанија. На главниот пат Е-75 се надоврзуваат и други мошне важни патишта, како на пример патот М-5 кој од Скопје преку Велес, Штип и Кочани излегува на граничниот премин кај Делчево спрема соседна Бугарија. Од Штип пак, спрема Струмица, се одделува патот М-6 кој, преку граничниот премин кај Ново Село, ја поврзува нашата земја со соседна Бугарија. Мошне значаен е и патот М-2 кој од Е-75 се одделува кај Куманово и преку Крива Паланка, врви сè до граничниот премин Деве Баир, истотака кон соседна Бугарија.

03

Инаку, по своите природни убавини, Република Македонија, претставува една од најатрактивните земји, не само на стариот континент, туку и пошироко. Овде, на само еден релативно мал простор, се сретнуваат безброј атрактивности кои на земјата и даваат значително туристичко обележје. Впрочем овде, како никаде на друго место, може слободно да се каже дека речиси секој дел од нејзината природа има посебна атрактивност. Така, на пример, во однос на релјефните карактеристики, со најизразени туристички вредности се одликуваат планините: Бистра, Шар Планина, Пелистер, Галичица, Малешевските Планини и други. Вкупно во земјата се наоѓаат повеќе планински врва кои се повисоки од 2000м, меѓу кои највисок е Корабска Врата со 2764м.

Република Македонија
Лулка на културата, земја на природата

04

Република Македонија е мала езерска земја на јужниот дел од Балканскиот Полуостров. Обилува со природни убавини и реткости, поради што е наречена и бисер на Балканот. Има поволна географска положба во центарот на Балканскиот Полуостров, крстопатите север-југ и исток-запад. Таа е земја со умерено континентална и медитеранска клима, со многубројни планини и други природни убавини и реткости. Нејзиното историско минато и културно наследство допираат длабоко во минатото. Во неа се одржуваат разновидни фестивали на уметничко творештво. Има атрактивна и повеќеслојна архитектура, богат избор на национални и локални јадења, како и квалитетни вина. Република Македонија е почитуван трговски партнер, кои својот развој го темели врз земјоделството и прехрамбената, текстилната, хемиската и дрвната индустрија, градежништвото, сообраќајот и услугите. По античката архитектура, интензивна градителска активност се бележи во византискиот период, кога изградбата на Св. Софија во Цариград ги поставила критериумите во сите места под доминација на православната црква. Во времето на Отоманската империја доминантно било влијанието на исламската архитектура, за што сведочат многубројните објекти од тоа време: турските бањи, џамии, теќиња, безистени, чаршии. Најубавите примери на урбана архитектура се објектите од XIX и XX век.
Крушево и Кратово во голем дел се комплетни урбанистички целини со зачувана градска архитектура од тој период, голем дел од Битола и Скопје, како и стариот дел на Охрид. Во XX век Македонија ги следи трендовите на модерната архитектура.

Македонија во антиката и во средниот век

05aТериторијата на Македонија во антиката ја населувале бројни етнички заедници. Најстарото население и припаѓало на медитеранската група народи и веројатно било сродно со претхеленското население од егејско-медитеранскиот басен. Во II милениум п.н.е. на Балканот се доселиле индоевропските племиња. За време на овие преселби, индоевропските племиња ја населиле и територијата на Македонија. Меѓу најстарите и најбројни племиња што ги населувале македонските простори во антиката биле Бригите (Фригите), Пајонците и Македонците.
Пајонците имале важна улога во историјата на античка Македонија. Тие се споменуваат уште во “Илијадата” на Хомер како учесници во Тројанската војна, каде што под водството на Астеропај и Пирајхме се бореле на страната на Тројанците. Пајонците ги населувале долините на реките Вардар и Струма, териториите што се протегале на запад до Пелагонија, на север до изворите на реката Струма, а на југ до Егејското Море. Со македонската инвазија ги загубиле јужните територии (егејското крајбрежје) и биле потиснати кон север. На пајонската група племиња, покрај Пајонците, и припаѓале и Доберите, Астраите, Дероните, Агријаните, Лајаите и други. Во IV век пајонските племиња формирале држава предводена од крал. Од времето на Филип II (358г. пред н.е.), Пајонците ја признавале врховната македонска власт. Пајонската коњица како составен дел на македонската војска, имала важна улога во походот на Александар Македонски на исток.

06

Македонците ги населувале јужните делови на централнобалканскиот простор, териториите што се протегале северно од Хелените, источно и југоисточно од Илирите, западно од Тракијците. Според античката традиција, Македонците воделе потекло од Македон.
Од времето на римското владеење во Македонија има бројни остатоци од материјалната и духовната култура. Импресивни се, особено, градбите во Стоби и Хераклеја, Линкестис (палати, театри, куќи, плоштади, улици, бањи, базилики украсени со мозаици и др.), кои и денес одушевуваат со својата убавина.
Античката цивилизација во Македонија била прекината во VI и почетокот на VII век со нападите на “варварските” племиња од север, од зад реката Дунав на балканските територии на Источното Римско Царство (Византија) и со населувањето на Словените на нејзината територија. Во нападите од север учествувале Бугарите, Аварите и особено Словените. Нападите на словенските племиња на византиските балкански територии започнале уште во првата половина на VI век, а особено се интензивирале од средината на VI век.
Во средновековната историја на Македонија и на македонскиот народ важно место зазема Самуиловото Царство, најголемата ранофеудална државна творба на Балканот. Државата била создадена во 969 година.
Во почетокот на осумдесеттите години на XIV век се интензивирале турските напади на Балканскиот Полуостров. Први на удар на турската војска се нашле македонските територии. Започнало систематско освојување најнапред на источните, а потоа биле потчинети и централните територии на Македонија.

Археолошки локалитети

07

Во Македонија се евидентирани над 4.500 археолошки наоѓалишта. Посебно значење имаат локалитетите Скупи и Скопско Кале кај Скопје, потоа Требеништа, Св. Еразмо, Охридската тврдина, ранохристијанската базилика во селото Октиси во Охридско-струшката Котлина, Хераклеја Линкестис и Маркови Кули во Пелагонија, Стоби во близина на Градско, Исар и Баргала кај Штип, Струмичко Кале, Виничко Кале, Мородвис кај Кочани, Марвинци и Гевгелиски Рид во Гевгелиско-Валандовската Котлина и други.

Тврдини, кули и мостови

08

Во Македонија се изградени поголем број тврдини, кули и мостови, кои дополнително сведочат за животот и културата на овие простори. Такви се Самоиловата тврдина во Охрид, Марковите Кули во Прилеп, Царевите Кули во Струмица, Камениот Мост и Калето во Скопје, средновековните кули и мостови во Кратово.

Религија

09
Во Македонија се испреплетуваат источната и западната цивилизација. Во многу градови е вообичаено да се сретнат и цркви и џамии. Поголемиот дел од населението припаѓа на православната христијанска вероисповед (65%). По застапеност, на второ место се жителите со исламска вероисповед (33%). Останатите се католици, протестанти, атеисти и припадници на други религии.
Видови туризам
Македонскиот туристички простор поседува услови за развој на зимско-спортскиот туризам на планините, бањскиот туризам на термоминералните извори, летниот езерски туризам на прекрасните езера, кои овозможуваат извонредни услови и за стационарен туризам. Како земја во централниот дел на Балканскиот Полуостров, развиен е транзитниот туризам. Геотуристичката положба на Македонија се надградува со простори кои се сочувани во природна состојба.

Чалгија

10
Интересен жанр на македонската народна музика е чалгијата, позната како “староградска”, која долго се негува во многу градови, особено во Битола, Охрид, Велес и Солун. Со себе носи силни ориентални влијанија, што може да се забележи по стилот на изведба. Меѓутоа, со време, македонската чалгија се здобила со специфичен тонален дијалект и израз. Чалгии се свират на свадби, верски празници, обреди, панаѓури, а можат да се сретнат и по современите македонски ресторани.

Народната носија, пак, претставува огледало на богатата македонската материјалната и духовна култура. Таа се одликува со огромно богатство и шаренило на бои и ткаенини со најразлични видови и форми. Најкарактеристични се западномакедонската и мариовската, но не заостануваат ниту оние носии од другите краишта на Македонија. Сите тие, освен во специјализираните музеи кои се наоѓаат низ републиката, може да се забележат и на традиционалните манифестации, како што е на пример Галичката свадба која се одржува секоја година на 12 јули, Петровден, во селото Галичник во Западна Македонија. Од амбиенталните антропогени туристички вредности најинтересни се многубројните градби на старата традиционална архитектура кои се сочувани во речиси сите населени места во земјата. Сепак, најзабележителни се оние во: Крушево, Охрид, Скопје, Велес, Битола и други. Од материјалната, па до некаде и од духовната култура, за туристичката афирмација на Републиката значајно е да се набележат традиционалните и вкусни македонски јадења и пијалаци, односно богатата и исклучително квалитетна и вкусна македонска кујна. Во неа преовладуваат следните специјалитети: познатото македонско бело сирење и кашкавалот,специјалитетот тавче-гравче, пастрмката подготвена на охридски начин, полномасното кисело млеко, бакарданот, пилавот, јагнето и јарето под сач, македонскиот пинџур, традиционалната виткана пита наполнета со најразлични состојки, сармичките од винова лоза, прочуените тиквешки сортни вина кои се добитници на многубројни меѓународни признанија, прочуениот велешки вињак и друго.

Македонија - земја на туризмот

Република Македонија поседува бројни материјални и духовни драгоцености. Тие се содржани во природните морфолошки карактеристики, погодностите на климатските услови, разновидноста на хидрографските форми и на хидролошките потенцијали, богатата разновидност на растителниот и животнски свет и на прекрасните пејзажи и природни амбиенти. Македонија е земја во која ваквите драгоцености поседуваат извонредна разместеност и хармонична усогласеност.
Како на дланка се наредени планинските чудесни содржини, проткаени со интересни котлини, долински страни и неповторливи кањони и клисури. Раритетно дејство имаат појавите на некогашната вулканска активност и формите на селективната ерозија. Тоа е простор на влијание на карстната ерозија и со несекојдневни одлики на мошне содржајните пештери. Глацијацијата е претставена со нејзини најужни претстави и со типски форми и содржини. Периглацијата ја надополнува ваквата структура. Појавите на островски форми, клифови, одсеци и прекрасни плажи се должат на абразијата. Така македонската морфологија ја заокружува својата структура.

11

Република Македонија е земја на тектонски езера. Во Охридското Езеро се чуваат прекрасни примероци на животни и растенија со терциерна старост. Во ваквите драгоцености, заедно со изворната култура, се содржи причината што тие станаа дел од светското наследство под закрила на УНЕСКО.
Глацијалните езера се вистински украс на планински целини, додека вештачките ја изразуваат својата полифункционалност. Привлечностите се надополнуваат со планинските и рамничарските реки и потоци и со егзотичните водопади. Македонија е земја и на термоминерални води и бањи, кои ја содржат можноста за поврзување на рекреацијата и грижата за здравјето.
Прекрасната колоритност на вегетацијата и флористичко-фаунистичката разновидност се причина на вака мал простор да се прогласат три национални парка и да се предложат за прогласување уште толку. Тоа значи дека најголем дел од територијата на оваа земја има извонредна хармонија на бои, линии и форми, богата егзотика и можност за извонредна рекреативност.

Заклучок

12
Република Македонија е земја на соединување и преплетување на бројни цивилизации и култури. Во неа се јавуваат културни циклуси со кои ретко која земја може да се пофали. Пронајдоците со палеолитска старост зборуваат за исконските корени на човековото постоење и развој во нејзиниот простор. Длабоките корени ги потврдуваат и населбите од неолитот, чија широчина на распространетост има фасцинантни размери. Посебна привлечност претставува времето на металите и античката култура, претставено низ артефакти, утврдени градови, некрополи, комуникации, мозаици и скулптури и други ликовни форми. На овој простор, истотака, се лоцирани ранохристијанската култура и колоритната орнаметика на византиското наследство, како стил проткаен со оригиналност. Него во своите пазуви го чуваат импресивните цркви и манастири, преку живописите, иконите и посебната архитектура. Тука се ракописите и културното наследство создавано на црковнословенскиот јазик. Немирните историски процеси го внесуваат исламското наследство како сакрална вредност покрај средновековните профани целини. Така се отвора можноста за откривање на заемноста како вистинско богатство.

Користена литература:
Панов М. 1976: Географија на СР Македонија, кн.1, Просветно дело, Скопје
Панов Н. 1998: Туристичка валоризација на манастирите во Република Македонија, Скопје
Панов Н. 1999: Македонија - земја на туризмот, Ина-комерц, Скопје
Панов Н. 2001: Туристичка енциклопедија на Република Македонија, Скопје
Поповски В., Панов М. 1996: Општините во Република Македонија, Мисла, Скопје
Поповски В., Селмани А., Панов Н. 2006: Општините во Република Македонија, ИДБЦ, Скопје
Републички завод за заштита на природните реткости, 1995: НЕАП - Биодиверзитетот и управувањето со заштитените подрачја во Република Македонија, Скопје
Стојановски С., Катарџиев И., Зографски Д., Апостолски М. 1988: Историја на македонскиот народ, Македонска книга - Култура - Мисла - Наша Книга, Скопје
Стојмилов А. 2003: Физичка географија на Република Македонија, Уким - Природно математички факултет, Скопје
Стојмилов А. 2005: Социоекономска географија на Република Македонија, Уким - Природно математички факултет, Скопје
Официјална веб страна на општините во Република Македонија (municipality.gov.mk)

Трудот е презентиран и објавен на XIII-тата меѓународна научна конференција одржана од 25-28.05.2017, во Будва, Република Црна Гора
International Journal “Knowledge”, Professional Papers, Vol.17.5, Global Impact and Quality Factor 1.322 (2016), May, Budva, Montenegro, 2017

Проф. Васко Лазаревски, магистер по географски науки
ООУ „11 Октомври“ – Скопје, Република Македонија