Ден први:

- Институција: Здружение на професори по географија „Проф. Д-р. Љубе Миленковски“
- Наставен предмет: Географија . . . разбира се
- Наставна тема: Балкански Полуостров
- Наставна содржина: Најдолгиот пат до Ѓердап

- Цели на патувањето:
1. Да се провери дали Панонската Низина навистина е рамна како тепсија.
2. Да се види дали професорите на Природно-математичкиот факултет во Нови Сад се помлади од нашите ( бидејќи поубави сигурно не се).
3. Да се фотографирате на Калемегдан а позади вас Дунав да ја гушка Сава.
4. Да се возите покрај Дунав многу часови и да мислите дека наместо Ѓердап ќе го видите Црно Море.
 Клучни зборови: Предејане, Петроварадин, Егзит, Калемегдан, Голубац, Казан, Ѓердапска Клисура, Лепенски Вир, доцнење.
 Потребни предзнаења и вештини:
1. До Белград Сонцето секогаш ви е од позади.
2. Во Белград во 6 часот наутро најголем дел од дуќаните се затворени.
3. Војводина нема планини ама има повеќе заштитени подрачја од Република Македонија.
4. ИКТ вештини: пронаоѓање интернет мрежа и тагирање на фејсбук.
5. Дунав е втора река по должина во Европа, па затоа е логички да ти се чини дека патувањето е долго.

- Нагледноста можете да ја погленете ОВДЕ:

https://picasaweb.google.com/118183325236292193410/6305285626535585985


Ден втори:

САГА ЗА ЛЕПЕНСКИ ВИР

Си станавме рано во хотелот убав
си пиевме кафе со поглед на Дунав.

Пискотници се слушнаа од другата страна,
мамутот во дворот атракција стана.

Го гушкаат сите и мажи и жени,
се сликаа многу на забите качени.

Потоа се сетија за Ѓердап да појдат
оти за вечера треба да си дојдат.

Не доцнеа многу, само еден саат,
но утринската цигара треба да е раат.

Водичот во Ѓердап со мустаќи и меше
а стражарот на капија од Кочани беше.

Си збореше долго, следно и следно,
научивме многу, се чувствував вредно.

Потоа преминавме од другата страна,
овој Ѓердап стварно бил голема брана.

Романија е земја од Европската заедница,
примена е брзо, на првата седница.

Турну Северен, град голем но мирен,
се прибиравме долго, но останав смирен.

Се вративме назад во Србији брале,
на граница не гледаа како да сме крале.

Во Милановац Долен се шетавме крај река,
а зошто да брзаме, во хотел кој не чека?

Вечерта кон хотел итавме екстремни,
за другарска вечер треба да сме спремни.

Како си поминавме на вториот ден,
ќе дознаеш штом кликнеш на линкот наведен.

https://picasaweb.google.com/118183325236292193410/6305307095470083809


Ден трети:

Третиот ден владееше ведро расположение и оптимизам. Веројатно поради помислата дека се враќаме во Македонија, па дома си е дома. Оставајќи ја планината Мироч зад себе, покрај Дели Јован се упативме кон Бор, златната кокошка на поранешна Југославија. Притоа ги видовме интересните карстни предели на планините кои припаѓаат на Карпатско-Балканскиот масив. За да се скрати патувањето за Соко Бања, одбравме да се движиме по локален пат, кој поради вештините на нашиот возач воопшто не ни изгледаше локален. Во Соко Бања како и секогаш беше многу живо. По кратката прошетка и трошењето на последните реликти од српската валута, следуваше и заеднички ручек во еден од многуте традиционални ресторани. На патот кон Македонија направивме уште по некоја поза на познатите Р'тањ и Озрен, па следната дестинација беше Табановце.
Фотографии од третиот ден можете да видите на линкот: https://picasaweb.google.com/118183325236292193410/6305330107830290129

Резиме:

Географијата не би била толку занимлива кога не би се занимавала со проучување на просторот што не опкружува. Од професорот по географија зависи дали таа ќе им биде омилен предмет на учениците. Овој тридневен практикум им пружи прекрасна можност на сите во групата да посетат предели и локалитети за кои и досега им зборувале на своите ученици. Но сега, откако имаа можност да ги видат во живо сите планирани дестинации, нивните раскажувања би требало уште повеќе да го привлечат вниманието не само на децата, туку и на колегите кои немаа можност да учествуваат на ова прекрасно патување.
За крај, општ е впечатокот дека ЗПГМ заврши голема работа во врска со усовршувањето на професорите по географија и подигнувањето на нивото на меѓусебна комуникација. Во колку поработиме на разбранувањето на истражувачкиот дух кај учесниците и заборавањето на некои „балкански“ манири, наредната теренска настава ќе биде уште подобра.

Скратена видео сторија од сите три дена можете да видите ОВДЕ:

2016 07 14 123854

https://www.youtube.com/watch?v=YkDgWsFCXmU 

 

Сашко Стефановски