Резиме: Хуманизација на општеството е тесно поврзана со образовниот систем и целите што се поставени пред него. Образованието како дејност во општеството, во изминатите години е една од најфрекфентните теми за која се разговара, било да станува збор за научни средби или, пак, за друг тип на расправи. Хуманистичката димензија на образованието е присутна во филозофските и педагошките идеи на голем број мислители.

01

Хуманизмот како парадигма се појавува некаде во шеесетите години од минатиот век, и во својата основа ги поставува човековата слобода, потенцијалот и достоинството. Во овој труд авторот одделува и дискутира за некои од принципите и целите на хуманото образованите кои може, помалку или повеќе, да се препознаат во постечкиот образовен систем. Релацијата општеството – образование е мошне актуелна. Социолозите на образованието главно ја разгледуваат, во прединдустриските и индустриските општества. Но, се поголем е бројот на трудови во кои се расправа за образованието и глобализацијата.Во прединдустриските општества образовниот систем е во функција на општеството или, според зборовите на познатиот француски социолог, Емил Диркем, општествениот систем настојува да го усогласи воспитанието и образованието со политичките, моралните, економските, религиозните и други институции. Кога станува збор за образованието, односно за неговиот придонес за хумано општество, треба да се истакне дека низ историскиот развој образованието имало за задача да ја облагородува човековата личност во зависност од општествените околности и потребите на општеството. Образованието и воспитанието се нераскинливо поврзани за човекот. Тој е едукативно суштество. Едукацијата, во најширока смисла на зборот, го прави човекот она што е, а на тоа може да се додаде, не исклучувајќи ги и другите нешта, дека образованието не е, можеби, сесилно како што некогаш се веруваше, но сепак е и сила и моќ во современото општество. Тоа се определува и како производна сила. Образовните системи се основа за натамошен развој на човечките ресурси. Во таа смисла, се прават и измени на студиските и предметните програми, со цел да се обезбеди поинтензивно образование. Човекот е творец на хуманизацијата на општеството. Токму заради тоа не треба да се врши маргинализација на човековата личност.

1. ВОВЕД

02

Потребата од развој на хуманите вредности кај човекот не е нова појава. Нејзините зачетоци ги гледаме во учењата на античките филозофи, чии идеи се реставрираат во периодот на хуманизмот. Според овие учења, човекот е личност со свој интегритет и потреби, вреден за поддршка и почит. За личноста која умее да го експонира личниот интегритет, внимавајќи притоа на незагрозувањето на туѓиот интегритет, можеме да речеме дека поседува хумани аспекти или вредности. Да се биде човек со хумани вредности значи да се поседува достоинство доследно на личниот развој и на развојот на човештвото воопшто.
Основната цел на хуманото образование е целосен развој на индивидуалецот, со акцент на регулаторната и на афективно – емоционалната компонента. Во неговите рамки може да се познае насоченост кон развојот на независноста и позитивното самонасочување, развојот на способноста за превземање на одговорност за сопственото учење, развој на креативност, љубопитност, истражувачка активност и сите други потенцијали кои му помагаат на индивидуалецот да води среќен, хуман и живот исполнет со значење.
Креативноста и творештвото спаѓаат во највредните и најпосакуваните човечки својства. Да се биде креативен стана вредност сама по себе. Зборот креативен стана епитет кој се става пред голем број на работни активности и доминира во голем број на човечки својства. Да се преобразат рутинските дејности во креативни и творечки потфати, да се развијат креативните и творечките размери на човечките способности и особини е цел на која се обрнува големо внимание во современата научно-истражувачка работа. Идејата за креативна и творечка личност е цел на хуманистичката ориентација како реакција, алтернатива за отуѓеноста која постои во современата цивилизација.
Размислувајќи во контекст на тоа дека креативноста и творештвото се основа за проширување на границите на развојот на личноста и хуманизацијата на светот, сосема е разбирливо дека воспитно – образовните институции добиваат мултидимензионални задачи, како што се откривање, стимулирање и развивање на детската креативност и творештво.
Кооперативното учење како стратегија за учење и поучување ги зема предвид когнитивните и афективни аспекти на учењето, ја истакнува активноста на учениците, ја промовира соработката и поддршката, а истовремено дава можност за правење баланс помеѓу индивидуалните и колективни чувства за успех / неуспех. Од тие причини, сметавме дека е вредно да се проучат можностите кои ги нуди кооперативното учење за хуманизација на воспитно – образовниот процес.

2. НЕКОИ АСПЕКТИ НА МУЛТИКУЛТУРАЛИЗМОТ

03

Во концепцијата за деветгодишно основно воспитание и образование, покрај другите принципи, е и принципот на разбирање на другите и мултикултуралноста, при што се укажува дека основното воспитание и образование, односно учениците и наставниците треба преку секојдневната работа и живот постојано да работат на развивање на толеранцијата, да се гради свест за разликите и почитување на истите. Тоа мора програмски да се остварува. Карактерот на македонското општество, сосема разбирливо, од училиштето бара на прв план да се истакнуваат вредностите за заедничкото живеење, почитување на разликите во културата, традицијата. Преку мултикултурализмот треба да се запознаат другите. Врз нивните посебности да се градат перспективи за идниот развој. Свеста за тие нешта, а се разбира и практикувањето низ воспитно – образовната практика е прилог, како што се забележува во некои документи, за преобразба на индивидуите, училиштето, а со тоа и на општеството. Всушност, овој пристап во практикувањето на муликултурализмот е значаен двигател на промените и придонес во развојот на хуманото општество. Содржини од мултикултурализмот се присутни низ повеќе наставни предмети. Но, во рамите на изборните предмети во наставниот план за деветтогодишното образование, учениците можат да одберат наставни предмети како што се јазик и култура на Власите, на Ромите, Бошњаците, албански јазик, запознавање на религиите, етика и сл. Изборните предмети се во функција на зголемување на можностите на учениците за проширување на знаењата и на сопственото искуство.

3. ПРОФЕСИОНАЛНА ЕТИКА И ХУМАНОСТА

04

Хуманата димензија на образованието, односно неговиот придонес за развојот на општеството, се поврзува со професионалната етика на наставникот. Професионалната етика е значаен елемент на секоја професија и ги содржи нормите, вредностите, правилата на однесување и целите што треба да се постигнат. Последните години се развиваат етиките на поодделни професии. Секоја професија се обидува да заокружиеден систем на норми според кои треба да се води професионалниот живот и да се одвиваат односите со другите.
Професионалната етика на наставничката професија, првенствено е определена од образовно воспитната дејност, потоа од општествените барања што се поставуваат пред наставникот, сфаќањата за изворот на моралните норми (хетерономен, автономен) целите на образовниот систем, генерациската припадност на учесниците во воспитно образовниот процес (наставници, ученици).
Мноштво на документи, односно кодекси, секој на свој начин, почнувајќи од основното, па сè до високото образование, се обидуваат да го изградат формалниот етички код на наставничката професија. Најчесто, во тие документи се укажува на професионалноста на наставникот и неговата функција во остварувањето на благосостојбата во општеството. Во светот постојат разни заклетви кои се однесуваат на наставничката професија. Усвоени се и етички кодекси за пооделни учесници во образовниот процес.
Може да се рече дека сега е време на етичките кодекси. Во таа смисла, врз основа на заклетвата на Роберт Дотран, се развиени многу кодекси за однесување на наставниците. Во Р.Македонија правени се повеќе обиди за подготовка на кодекс на просветните работници Но, засега, постои Заклетва на учителот. Во нашите основни училишта главно е познат Етичкиот кодекс на оценувањето на постигнувањата на учениците. Изготвен е етички кодекс на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, во кој посебно се определени нормите на научното однесување, односите помеѓу вработените и посебно односите помеѓу наставниците и студентите.

4. ЗАКЛУЧОК

05

Хуманите вредности се основа на човековата егзистенција. Тие се сржта на човештвото воопшто. Дефинирани како состојба на себепознавање, себеприфаќање и разбирање на туѓите потреби во меѓусебната комуникација. Тие се и одраз на взаемното почитување во комунацијата меѓу луѓето. Хуманите вредности се градат почнувајќи во семејното опкружување и низ системите на организираното воспитание и образование.
Идеите за хуманизам имаат долга историја, макар што тие се присутни во сите општествени формации. Хуманистичките идеи за подобрување на човечкото достоинство, сфаќањето за тоа дека на планетата Земја нема ништо повредно од самиот човек, вербата во силата на неговиот разум, признавањето на неговото право на слободен развој, почитувањето на трудот на човекот и.т.н. се толку стари идеи, колку што е и човечката цивилизација. Прашањата за вредноста на човекот, за вистински хуманизам биле, се и ќе бидат основни постулати на воспитанието и обрзованието на младите.
Притоа нагласена е потребата длабоко да се осознаат хуманистичките идеи на педагошките класици кои се актуелни и денес, како и потребата тие интегрално да бидат проткаени во воспититно-образовниот процес, односно да се хуманизира воспитно-образовниот систем во целина, за да биде во состојба да го мотивира однесувањето на учениците како вистински хуманисти.

5. ЛИТЕРАТУРА
[1] Boekaerts, M. (1995).teaching students self-regulated learning: A major success in applied research. In J.Georgeas, M. Mnthouli, E. Besevegis&A.Kokkevi )eds) Contemporary psuchology in Europe (pp. 245-259). Gottingen/Seattle: Hogrefe& Huber.
[2] Ellas, J. L, Merriam, S (1980), Psilosophical foundation of adult education. Malabar, FL:RobertKriger.
[3] Evropska komisija (2005) Obrazovanje u Evropi: razliciti sistemi, zajednicki ciljevi za 2010 godin, Pedagogija, 60(2) 256-271
[4] Gardner. H (1993)Multiple inteliligences The theory in practice. New York basic Books.
[5] Grin, T. (2004) Edukacijska psihologija, Zagreb Naklada Slap.
[6] Ivic, I., Pešikan, A., Antić, S (2001). Aktivno ućenje, Beograd, Institut za psihologiju.
[7] Krstić, D. (1988), Psihološki rečnik, Beograd, IRO, VukKaradžić
[8] Maslov, A. (1982), Motivacija I ličnost. Beograd. Nolit
[9] Popović, B. (1981), Teorija o zdravojličnosti u Maslov, A. (1982), Motivacija i ličnost. Beograd. Nolit
[10] Vidović, V. Rijavec, M., Vlahović-Štetić, V., Mijalković, D. (2003), Psihologija obrazovanja, Zagreb, Naklada Slap
[11] Zlatković, B. (2007), Self-koncept I uspeh u studiranju, Vranje, Učiteljski fakultet.
[12] Milan Mesić,(2006). Multikulturalizam, Zagreb, Skolska knjiga
[13] Ivković M. (2005), Sociologija obrazovanja, odbrane teme, Vranje

Трудот е презентиран и објавен на IX-тата меѓународна научна конференција одржана од 16-19.06.2016, во Драч, Република Албанија

International Journal “Knowledge”, Professional Papers, Vol.13.4, Global Impact and Quality Factor 1.023 (2015), Jun, Durres, Albania, 2016

м-р Васко Лазаревски
ООУ „11 Октомври“ – Скопје, Република Македонија, Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.