М-р Марина Стојмирова заљубеник во планинските врвови

Повеќе научници во своите трудови докажуваат дека оние луѓе кои се занимаваат со некое хоби се посреќни од другите. Преку своето хоби, покрај тоа што го пополнуваат слободното време, тие се инспирирани, покреативни и помотивирани за извршување на секојдневните обврски. Хобито, пред се е начин на уживање.

Покрај секојдневните работни обврски, членовите на здружението во своето слободно време се посветуваат на она во што најмногу уживаат и ги прави среќни. Честопати изборот на нивното хоби е поврзано со природата, со географските одредници кои ја менуваат секојдневната рутина која не ретко е и пренапорна.
М-р Марина Стојмирова како асистент на УТМС и е целосно посветена на својата работа, но секој миг од своето слободно време го користи за планинарење. Планините се високи, честопати непристапни со снег и ветрови. Што е тоа што го тера овој вистински заљубеник во планинските висови да ја напушти удобноста и да се впушти во авантура за многумина. На овие прашања, таа знае да каже: „Планинарењто не е само напор, не е само спорт, ниту пак било каков секојдневен облик на физичка активност. Тоа е начин за запознавање на самиот себе и пат за запознавање на природата онаква каква што е во својата изворна форма.“
Колешката Стојмирова за ова своето хоби вели дека, покрај тоа што и претставуваат предизвик, инспирација, искуство и возбудување, во исто време планинарењето ѝ дава дополнителна енергија за наредното искачување на уште понапорна патека и нов врв. Посетата на планините и движењето во природата на чист планински воздух, претставува активен одмор кој планинарот го исполнува со задоволство и покрај големиот физички напор што треба да го даде.
Географијата и географот се препознаваат меѓудругото и по односот кон природата, а планинарите секако се оние кои најдобро ги познаваат и водат грижа за одржување во нивниот изворен облик без долгата рака на најголемиот загадувач-човекот.
Најчеста дестинација на Марина се планините во Република Македонија, а не ретко и оние во нашето непосредно опкружување, како Олимп во Грција, Мусала и Вихрен во Бугарија. Но, ова лето, во месец август, го имаше пред себе, можеби, предизвикот на секој планинар, наречен Алпи. Како дел од седумчлена експедиција, на крајот на месец јули и почеток на август престојуваше на Пенинските Алпи во Италија, додека својот најголем подвиг досега, го реализира на 1-ви август со искачување на врвот Кастор, висок 4 226 м.н.в, каде кревајќи го знамето на Здружението на професори по географија на Македонија „Проф. Д-р. Љубе Миленковски“ - Скопје, за момент нѐ почести да бидеме дел од тоа доживување.

Станка Арнаутова
Професор по географија